Во детската градинка „Детска Радост“ од Гази Баба, од клонот „Сончогледи“ ни доаѓа убав пример за добра пракса од воспитувачката Виолета Тринческа Ивановска. Таа веќе 17 години работи во оваа градинка заеднички и тимски со специјалниот едукатор и рехабилитатор Ема Митевска и со негувателката Наташа Ивановска.
Виолета ни сподели дека до 2012 година работела како негувател а потоа станала воспитувач и од тогаш па наваму има во просек 2-3 деца кои пројавуваат некакви потешкотии. Таа вели: „Отсекогаш имало деца со потешкотии во градинката, и според мене ако не се многу раздвижени може да има и по 4-5 во група. Моментално водам група на деца кои се на возраст од 3-4 години и имам 3 деца со потешкотии во развојот. Годинава сменивме занимална, се наоѓаме во нов простор, и секако оваа промена на децата со потешкотии им падна потешко, но промената се чувствува и кај другите деца, на сите им беше тешко да се адаптираат на новиот простор“.
„Оваа година имам во група едно дете кое има потешкотии во говорот, а има и потешкотии со вниманието и концентрацијата, како и во следење налози. За стимулација на говорот користам различни материјали како на пример едни дрвени коцки со сликички на нив кои ги имаме во градинката. Баш пред некој ден го седнав детето во скут, беше добро расположено, и го прашував „Каде е носот, устата, окото?“. Тој не покажуваше, но јас еднаш му покажав, објаснив, и потоа повторно му го поставив истото прашање. Вториот пат веќе си ги покажуваше деловите на телото“. – споделува Виолета.
„Исто така многу сака мачиња, едно време кажуваше, „маче, каде маче“, користеше и зборови на англиски како „this cat“.
Специјалниот едукатор и рехабилитатор, Ема Митевска секојдневно работи со децата вклучени во градинката кои имаат потреба за тоа, и ни сподели како консултативно им дава совети и насоки на родителите, а и активности кои може да ги применуваат во домашни услови. Родителите постапиле по нејзините совети и насоки и така ги укинале цртаните и прекумерната изложеност на екран. Екранот може да биде доста корисен за учење, но секако прекумерената употреба може да биде штетна и токму затоа дозирањето е многу важно исто како и како се користи дигиталната технологија, потребно е да се насочи вниманието на едукативните можности кои таа ги нуди.
Виолета вели дека активностите ги прилагодува согласно потребите на секое дете. „Со едно девојче кое има потешкотии работам најчесто со пластелин, моделирање, работи и со дрвени боички а постепено и со фломастери, го следам процесот и внимавам. Секогаш следам што таа може и работам на тоа. Соработката со родителите и мајката е одлична и ова девојче и надвор од градинката оди на третмани кај специјален едукатор и логопед и затоа ефектот е забележлив.“
„Со децата со потешкотии најчесто јас работам на социјализацијата. Тие се одлично прифатени и си играат со другарчињата. Понекогаш кога одиме надвор во дворот им велам „Ајде сега наредете се сите во воз за да излеземе“, и доколку децата со потешкотии не реагираат брзо, секогаш има некое другарче кое ќе отиде ќе ги фати за рака и ќе ги донесе до возот. Ова е како еден воз на другарството.
„И претходно имав деца со потешкотии, сега веќе одат на училиште. На завршната приредба тогаш учествуваа сите деца, и не се ни забележуваше дека некои деца се со потешкотии или дека добивале дополнителна поддршка. Останатите деца им помагаа и ги фаќаа за раце и ги насочуваа за време на музичката точка и се беше изведено беспрекорно.“ – емотивно раскажува Виолета за другарството во нејзината група.
На прашањето која е мотивацијата за да работи со деца, Виолета одговара: „Мене животна желба ми е да го работам ова што го работам. Така се насочив уште од средно, тогаш имаше средно насочено образование. Сакам да работам со деца, тие се чисти души. Особено се радувам кога ќе постигнам успех во работата со деца со попреченост.“
„Исто така, сакав да направам PowerPoint е-пристапна презентација на која ќе има слики, збор и поврзување ќе може да се направи за да може да го стимулирам развојот на говорот кај овие деца. Ова го научив на обуките кои ги посетував а беа спроведени од страна на здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“. Обуките на сите ни се потребни. Секогаш кога има обуки се пријавувам, за да научам нешто ново и да си ја олеснам работата.“
„Сметам дека треба да се опремат дополнително и повеќе простории за индивидуална работа и да има повеќе стручни лица во градинките. Децата што имаат потешкотии и одат редовно во градинка во секој случај имаат многу повеќе бенефит за разлика од оние кои не посетуваат градинка и директно ќе појдат на училиште.“, со апел за повеќе вработени стручни лица вработени во градинките ја завршува својата приказна Виолета Тринческа-Ивановска, воспитувач од градинката „Детска Радост“ – Гази Баба.
Оваа приказна е поттикната од иницијативата „Инклузија на деца со попреченост во предучилишното образование“ која ја спроведува УНИЦЕФ во соработка со Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ со финансиска поддршка од Австриската агенција за развој и Фондот за иновации на УНИЦЕФ.