ОПИС НА КУМСТВОТО

„Бидете Кум на нашето здружение“ 

Основата на оваа активност е градење долгорочна соработка со локалниот бизнис сектор. Бизнис компаниите што ќе одлучат да станат Kумови на нашето здружение би се согласиле да донираат месечни финансиски средства. Средствата што ќе се донираат ќе бидат наменети за овозможување услови за директна работа со лицата со попреченост кои доаѓаат во нашиот Центар и на тој начин би допринеле за менување и подобрување на квалитетот на нивниот живот. Всушност, преку донациите од бизнис секторот им се овозможува на корисниците со попреченост да добијат бесплатни услуги кои нашиот Центар ги нуди а се во насока на индивидуални часови, индивидуална поддршка за користење компјутер и интернет, поддршка за примена на асистивна технологија, односно користење на компјутерот и асистивните уреди како алатки преку кои корисниците со попреченост ќе ги постигнат своите цели во поглед на образование и вработување. 

Со донации од минатото нашите бесплатни услуги ги имаат искористено повеќе од 600 деца и млади со попреченост. Третманот кој го добиваат нашите корисници е индивидуален креиран според потребите и способностите на секоја индивидуа посебно. Центарот го посетуваат деца со церебрална парализа, аутизам, Даунов синдром, дислексија, потешкотии во говорот, слепи и слабовидни деца, деца со потешкотии во учењето.

Наша цел е да работиме со сите деца и млади со попреченост кои имаат потреба од нашите услуги земајќи во предвид дека родителите имаат голем финансиски терет за одржување на здравјето на нивните деца, нашите бесплатни услуги се од големо значење за нив.  Месечен износ кој би требало да го издвои родителот за детето, а го добиваат бесплатно, изнесува 6000 денари ( опфаќа 10 часови месечно, по два пати неделно).

Во рамки на проектот, секоја фирма што ќе одлучи да стане Кум на некое дете со попреченост, периодично ќе добива информации за неговиот напредок, исто како што добива и родителот. Исто така, предвидени се и настани на кои ќе овозможиме Кумовите да ги запознаат корисниците и нивните родители, но и да ги промовираме донаторите пред пошироката јавност.

За сите дополнителни прашања или појаснувања можете да се обратите до Софија Стојановска, соработник за обезбедување фондови на телефоните (02) 3068 – 630 или 078/ 253 855 или преку електронски пат: sstojanovska@opnethewindows.org.  

Се надеваме дека ќе бидете во можност да ја поддржите оваа иницијатива и дека заедно на корисниците на Центарот кои имаат потреба од дополнителна поддршка ќе им овозможиме пристап до индивидуализирана поддршка, односно максимално исполнување на потенцијалите на секое дете!