УЧИМЕ ДА ВКЛУЧИМЕ!

Ако без дополнителна поддршка, адаптации или содржини општо организираната настава за некое дете не придонесува кон развој на неговите потенцијали, тоа дете припаѓа на категоријата деца со посебни образовни потреби (ПОП).

Бројот на деца со посебни образовни потреби во светски рамки е помеѓу 10 и 15 проценти од вкупниот број деца. Кај нас, поради мултиетничноста, повеќејазичноста, високата сиромаштија и социјалната нееднаквост, тој процент е и повисок!

Различноста во училницата постоела од секогаш, но секогаш била занемарувана, гледајќи на целиот клас ученици како на еден единствен ученик со просечни можности, способности и интереси. А реалноста покажува дека:

  • 10 % од децата се надарени и талентирани и им се потребни дополнителни содржини;
  • 4 од 10 деца во Македонија имаат друг мајчин јазик од македонскиот;
  • 1 дете од 54, или едно дете на две одделенија има некаква форма на аутизам;
  • 1 од 6 деца за време на своето детство барем периодично имаат емоционални тешкотии или тешкотии во однесувањето;
  • 1 дете од 10, или 2-3 деца во едно одделение имаат дислексија или друг вид тешкотија при учењето;
  • 1 од 20 деца, или по 1 дете во секоја училница има некаков степен на АДХД;
  • 1 дете од 600, или во една од 20 училници има ученик со даунов синдром;
  • 11 деца од илјада, или во една од 3 училници има ученик со интелектуална попреченост;
  • 1 дете од 345, или во секоја единаесетта училница има ученик со церебрална парализа;
  • 5 деца од 1000, или во секоја шеста училница има по едно дете со одреден степен на оштетување на слухот;
  • 3 деца од 1000, или во секоја единаесетта училница има дете со умерено или поголемо оштетување на видот…

Проектот „Инклузија за децата со посебни образовни потреби“, финансиран од Детската фондација „Песталоци“, поддржан од МОН, БРО, дел од факултетите во нашата држава и локалните самоуправи на општините Центар, Битола, Штип, Тетово и Велес и спроведуван од Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“, има цел да го промени верувањето дека редовните училишта се место за учење само за учениците со просечни можности, способности и интереси.

Сите сме различни — сите заслужуваме квалитетно образование!