Што работиме
Отворете ги прозорците (ОП) е единствената организација во земјата и во Западен Балкан целосно посветена на промовирање на асистивната технологија и дигиталната инклузија. Водена од визијата на „свет на рамноправни и активни луѓе.“, Отворете ги прозорците ја остварува мисијата „преку асистивната технологија да го поттикнува и олеснува активното вклучување на сите луѓе “.
Овозможување пристап до информациско-комуникациските технологии за сите и е-вклучувањето (или дигитална инклузија, е-инклузија) претставуваат основна водилка на Центарот за асистивна технологија, како дел од Отворете ги прозорците. Центарот функционира како сервисна служба и ги нуди следните услуги: индивидуална поддршка за користење компјутер и интернет, индивидуална проценка на потребите од асистивна технологија и советодавна-консултативна поддршка за примена на асистивна технологија. Во Центарот за асистивна технологија, децата (од предучилишна и училишна возраст), младинците и возрасните лица со попреченост имаат пристап до информации и интернет и учат да користат компјутер како алатка за постигнување на нивните цели во поглед на образование или вработување. Центарот го посетуваат лица со различен вид на попреченост (телесна попреченост, оштетување на вид, оштетување на слух, интелектуална попреченост, аутизам, комбинирани потешкотии и потешкотии во учењето).
Услугите се засновани на пристапот насочен кон личноста и имаат за цел да го поттикнат личниот развој на корисниците. Примената на асистивната технологија, вклучувајќи пристапен хардвер и софтвер, и професионалниот тим од тројца дефектолози и логопед ја прават ОП уникатна сервисна служба во земјата. Во соработка со корисникот и/или родителите се изработува индивидуален план, чиешто остварување се оценува на секои шест месеци. Корисниците го посетуваат Центарот еднаш или два пати неделно и работат преку индивидуални сесии или работа во група. Просечно, еден корисник го посетува центарот помеѓу една и две години.
Освен работата со корисниците тимот спроведува консултативна и советодавна работа со родители, наставници и други вклучени лица во процесот на поддршка на корисникот.