Верица Мојсовска е воспитувачка која веќе 35 години работи во скопската градинка „Снежана“ – Чаир. Во 1986 година најпрвин се вработила во градинката во Шуто Оризари каде што работела 4 години, а потоа се префрлила во градинката „Снежана“ – Чаир каде што работи до ден денес.
Кога ја прашавме Верица дали во текот на сите овие години работела со деца со попреченост, таа ни одговори: „По 2001 година некако имам впечаток како да има се повеќе деца со посебни образовни потреби. Но, тоа е затоа што родителите како да се охрабрија да ги носат своите деца во градинка. Сум работела со деца кои користеле помагала, со деца со церебрална парализа, Даунов синдром.“
„Пред 6 години се случи да имам во група едно момче кое до 3 години не зборуваше. Буквално немаше пуштено ниту еден глас. Јас најпрвин се обидував да забележам дали ме слуша, преку вежби. Го прашував на пример: „Како прават птиците?“, па користев ономатопеја и звуци од природата. Кога дојде, природно во групата си имаше „зборлести“ деца и тие многу му помагаа. Имаше едно девојче во истата група, постојано седнуваше до детето и го поттикнуваше, му велеше – „ајде кажи мама“. Знаете, врсниците може да влијаат добро. Ова девојче некако многу го засака другарчето, постојано го поттикнуваше да зборува.“ – продолжува Верица.
„Детето како да имаше страв да пушти глас. По 8 месеци, едно утро дотрчаа децата кај мене и ми викаат – Знаете учителке, тој кажа мама. Децата беа во тоалет и девојчето го слушнало како тивко изустил мама. По неколку дена почна да кажува и слогови“.– раскажува Верица за тоа како детето почнало да се изразува вербално.
„Еден ден се случи неговите да дојдат малку подоцна од вообичаеното време да го земат од градинка, доцнеа некои 15тина минути, но детето толку се вознемири што следните 10 дена воопшто не сакаше да соработува и ни требаше малку време“.
„Знаете говорот беше во него, тлееше и пак почна да зборува. Родителите беа пресреќни што нивното дете почна да зборува како сите дечиња“ – гордо споделува Верица.
Ја прашавме Верица преку какви активности успеала да го поттикне развојот на говорот кај ова дете.
„Јас во мојата пракса многу користам приказни, сликовници, им давам слики и ги прашувам децата да ми опишат што гледаат на сликите, така ги стимулирам да зборуваат и да раскажуваат. Исто така, многу читаме, за мене читањето е многу важно и се трудам од мали нозе да ги научам да ја засакаат книгата. Користам и екран, некогаш гледаме анимирани филмови, но тоа е кратко и временски ограничено за да не се постигне контра ефект“.
„Исто така, многу беше интересно што ова дете го интересираа невообичаени работи. Тогаш работевме еден проект – „Градот Скопје во детските очи“, и тој црташе водоводни мрежи, како оди струјата под земја и такви некои работи. Кога го прашав од каде знае за сето ова ми рече затоа што татко му и дедо му му раскажувале. Многу добро помнеше и се интересираше за струјата.“ – раскажува Верица за интересите на детето.
„И сега, исто така, имам дете со потешкотии во групата, тоа дете доаѓа од згрижувачко семејство и има пареза на десната страна. Морам да го пофалам згрижувачкото семејство, навистина одлично соработуваме и заеднички работиме за детето да достигне максимален развој. Со оглед на состојбата, детето има потреба од развој на моториката, па користам активности и вежби за развивање на моторика. На пример вежбаме фаќање предмети, тури- претури, користам и сложувалки со фаќалки“.
„Детето е навистина многу интелигентно и згрижувачкото семејство многу се вложува, редовно го носат во градинка и дури ми даваат насоки што треба да правам, на што да обрнам внимание.“ – раскажува Верица.
„Ова дете освен со моториката има потешкотии и со говорот, и денес тешко зборува но посветуваме внимание доста на тоа, учиме глас по глас, слог по слог.Во однос на моториката, вежбавме цел локомоторен систем и сега ова дете трча, се протнува во тунел. Нозете ги вежбавме со стап поставен кај нозете за да се масираат стапалата и со соодветни ортопедски чевли. Исто така, одеше бос на нерамен терен, користам различни алтернативни помагала како на пример тали од јајца. Направивме како еден вид чевли од табли од јајца со кои децата одеа како да се диносауруси. Така вежбаа и моторика, движење, а и ја обработувавме тематската единица за тој ден чиј фокус беа диносаурусите.“
За крај ја прашавме Верица што ја мотивира несебично да се вложува во нејзината работа веќе 35 години.
Таа ни кажа дека како мала ја гледала емисијата Коцка, Коцкица и Бранко Коцкица бил нејзина инспирација, си рекла јас сакам ова да го правам во животот. „Сега требаше да одам во пензија, но дадов изјава дека сакам да работам уште 2 години. Си ја сакам работата и пола од работата секогаш ја носам дома, дневната ми е полна со материјали, хамери, така се подготвувам за активностите.“
Оваа приказна е поттикната од иницијативата „Инклузија на деца со попреченост во предучилишното образование“ која ја спроведува УНИЦЕФ во соработка со Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ со финансиска поддршка од Австриската агенција за развој.