Кругот на доверба од детската градинка „Снежана“ – Чаир

Кругот на доверба е  активност преку која децата во група ги споделуваат своите емоции преку картички. Ова е еден вид Монтесори активност која се користи во градинките. За кругот на доверба кој се практикува во детската градинка „Снежана“ – Чаир денес зборувавме со нашата соработничка, воспитувачката Ана Ѓорѓиева.

Ана ни раскажа за тоа како станала воспитувач, што е нејзина мотивација, а сподели и пример за добра пракса и инклузивност во нејзината занимална. 

„Работата со деца е многу активна, ниту еден ден не е ист како претходниот. Децата се извор на сите искрени чувства што ние повозрасните понекогаш ги подзабораваме. Одлуката да работам со деца ме прави среќна и денес, дури кога треба да се бориме со сите предизвици. Моето искуство со член од тесното семејство кој имаше попреченост ме прави да бидам поемотивна за прашањето на инклузија, бидејќи во минатото децата со попреченост не добиваа шанса како денес“. – емотивно ја започна својата приказна  воспитувачката Ана, која веќе 12 години работи во градинката „Снежана“.

„Пред три години бев на породилно отсуство и кога се вратив, добив нова група, во нова занимална. Во новата група имаше едно дете кое постојано спиеше, моите колеги претходно го буделе за да оди на ручек, кога ќе заврши јадењето тоа пак спиеше. Некако како да му сметаше светлината, постојано седеше во темница.“ – продолжува да раскажува Ана.

„Тогаш ми светна сијаличката, сфатив дека ова дете има некаква потешкотија и заради тоа се однесува вака. Брзо по моето враќање, тимот на градинката се прошири и добив нова колешка. Ема е супер и некако веднаш станавме тим и се трудиме заеднички да работиме и да постигнеме напредок кај децата“.

„Набрзо откривме дека детето има забавен развој. Користејќи различни стратегии успеавме да поттикнеме да следи активности. Најголем ефект имаше „кругот на доверба“. Сите деца седејќи во круг спроведуваат различни зададени активности. На пример, имаме знаци на кои се прикажани емоции (тажен, среќен, збунет, лут и сл.) и секое дете си зема знак за да опише како се чувствува. По некое време детето почна само да станува, да се вклучува,  да си зема знак со што ни кажуваше како се чувствува со оглед на тоа дека имаше потешкотии на говорот и ни беше тешко да сфатиме што сака да ни каже“.

„По некое време сфативме и дека ова дете сака шеми за да функционира во групата и воопшто, па почнавме да му правиме шеми за да може да се реализираат активностите и комуникацијата. Тој се врзува за предмети, и на пример често се движеше со една играчка но шемата беше дека може да си игра со нејзе до појадокот, за време на појадокот ја остава и се фокусираме само на јадењето. Така и научи да јаде сам. Ова секогаш беше правило и тој без проблем го почитуваше“.

„Бидејќи детето имаше потешкотии со говорот и за ова користевме картички со слики. Тој имаше фонд на зборови но некако како да не можеше да ги користи. Како што почнавме да работиме со картичките со слики, секој нов збор што го учеше почна и да го употребува. Со овој континуитет успеавме да постигнеме добар ефект.“ – вели Ана.

„Исто така, сака музика и многу сака да слуша тивка музика. Јас имам еден микрофон играчка во занималната кој го користам понекогаш и секогаш го чувам во една фиока. Многу беше интересно еден ден кога тој почна да доаѓа до фиоката и да го бара микрофонот за да си игра и пее со него“. продолжува да раскажува Ана. „Така еден ден се подготвувавме за приредба и размислував каква улога да му дадам нему. Решив тој да биде пејач, и на приредбата тој се појави на бина со микрофонот со кој си играше. Знаете, пред приредбата имавме генерални проби кои одлично поминаа, но сепак бев малку загрижена што кога ќе се појави на самата приредба, со толку многу публика. Но, се беше беспрекорно, имавме прекрасен настан, а речиси сите вработени во градинката плачеа од среќа за постигнатиот успех“.

Лево: сензорна топка; Десно:микрофонот играчка користен за приредбата

Секое дете е различно, на различен начин учи за нови поими и појави, има различни интереси и афинитети како што впрочем има и секој возрасен. Она што треба да се направи е да се слушаат, гледаат и истражуваат потребите на секое дете и истото да расте во стимулативна средина која ќе го поттикнува неговиот раст и развој. Во процесот на воспитание и образование кај децата е многу важна комуникацијата – комуникацијата помеѓу воспитувачот и детето, родителот и детето, родителот и воспитувачот. Преку вербална но и невербална комуникација може да се следи развојот на детето односно да се следат потребите и понатаму да може соодветно да се одговори на истите. Затоа што секое среќно и исполнето дете значи и среќен и исполнет родител, воспитувач, а истото е и здрава основа за детето да стане активна, среќна и исполнета индивидуа и чинител на општеството.

Оваа приказна е поттикната од иницијативата „Инклузија на деца со попреченост во предучилишното образование“ која ја спроведува УНИЦЕФ во соработка со Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ со финансиска поддршка од Австриската агенција за развој и Фондот за иновации на УНИЦЕФ.