Здружението за Асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ со поддршка од националната и регионалната канцеларија на УНИЦЕФ го спроведува проектот „Инклузија на децата со попреченост во предучилишното образование“. Овој проект започна во јули 2021 година и трае до април 2022 година.
Со овој проект се придонесува во развојот на системот за инкузија во предучилишното воспитание и образование и во развојот на системот за алтернативна и аугментативна комуникација во нашата држава. Подетално, системот за инклузивно предшколско воспитание и образование беше поддржан преку обезбедување обуки за формирање на инклузивен тим во 10 градинки во државата, се изработи Водич за работа на инклузивните тимови во градинките и центрите за ран детски развој, се обучија 21 стручни соработници преку програмата Mellow Parenting за давање поддршка за вешто родителство, менторски за време на проектот градинките добија индивидуална и групна поддршка, а беа собрани и споделени со јавноста и поголем број позитивни примери на инклузија и инклузивни практики. Од друга страна, пак, системот за алтернативна и аугментативна комуникација беше поддржан преку креирање на првиот македонски женски компјутерски глас „Сузе“, локализирање на комуникаторот Сиборд на македонски и албански јазик, превод на симболите на сетот Mulberry, креирање основен сет со симболи за македонски и албански јазик, превод на стручна литература за рана интервенција и потпомогната комуникација од хрватски на македонски и албански јазик, локализирање на онлајн обука за алтернативна и аугментативна комуникација и обезбедување нејзина самоодржливост, како и спроведување на обука за алтернативна и аугментативна комуникација за 166 вработени од градинки, училишта со ресурсен центар, дневни центри, основни училишта, центри за ран детски развој и вработени во телото за процена на функционалноста. Овие постигнати резултати претставуваат многу добра основа врз која во иднина ќе може да се развиваат системот за инклузивно предучилишно образование и системот за алтернативна и аугментативна комуникација во нашата држава.