Во инклузивната средина секое дете има можност да ги развива своите потенцијали

„Секое дете е различно на свој начин и токму таа различност го прави детето посебно. Сите деца имаат специфични потреби, а истовремено и толку многу неоткриени потенцијали“ – со овие зборови започнува приказната која ни ја раскажаа претставниците од ООУ „Васил Главинов“ од Велес.  

Едно дете не е посебно поради потешкотиите со кои се соочува, тоа е посебно токму поради силните страни кои ги поседува. Во инклузивната средина секое дете има можност да ги развива и поттикнува своите потенцијали. Токму во една таква инклузивна средина учи и ученикот А.Д.

За него неговата образовна асистентка, Валентина вели: „А. е на возраст од 9 г. и е ученик во трето одделение. Го сака училиштето и наставните активности. Низ страниците на сликовниците и илустрациите ги открива подвизите на малите јунаци со големи дела. Со буквите и броевите учи да црта, а цртајќи се стекнува со основни знаења за буквите и броевите. Некогаш слуша звуци што само тој ги восприема, некогаш е тивок и концентриран, има моменти кога е раздразлив или покажува лутина. Сепак, се смее и се радува како и сите ние. Но, по нешто е посебен… Тој е дете со аутистичен спектар на нарушување. Прифатеноста од учениците е искажана преку поддршка, дружење и игра. Во неговата реалност социјалните битија не се делат на харизматични и саркастични, ситуирани и сиромашни, подобни и неуспешни. Светлината на денот подеднакво е распространета за сите.Тој би сакал барем за момент да ѕирнеме во неговиот свет, а тој во нашиот и заедно да чекориме кон единствена цел, создавање подобро место за живеење.“

За него и за сите останати ученици, училиштето креира инклузивни политики и практики со кои се труди да го обезбеди пристапот до квалитетно образование. Во палетата на алатки со кои се олеснува пристапот до образование е и асистивната технологија, која училиштето ја доби од Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“, како дел од проектот „Инклузија на деца со ПОП“, поддржан од Детската Фондација Песталоци. И покрај потешкотиите со кои се соочува ученикот во совладувањето на образовните цели, сепак со примената на детската тастатура со големи копчиња се бележи чекор напред во изучувањето на буквите, броевите, пишувањето и читањето, односно придобивките од овој асистивен уред се од суштинско значење во образовната работа кај овој ученик. Овој уред наоѓа примена и при индивидуалната работа на ученикот со специјалниот едукатор во училиштето. „А.Д. одлично го прифати уредот и секој училишен ден започнува со детската тастатура“ – велат специјалните едукатори Тања и Сања.

Покрај вклучувањето на асистивната технологија, училишниот тим работи и на градење на инклузивна клима, односно почитување на разликите и детските права преку сенизбилизација на останатите ученици. Ефектите од овие влијанија ги отслика неговата наставничка Елена која вели: „Нашата приказна со АД започна од минатата учебна година, тоа беше голем предизвик за мене како наставник. На почетокот низ глава ми се вртеа безброј прашања, од типот: Како ќе се справам со дете со аутизам? Како ќе го прифатат другарчињата? Како ќе реагира тој на другите деца и училиштето?…и еден куп други прашања. Секојдневно ја нижевме нашата бројаница со најситни монистра на прифаќање на разликите меѓу сите нас, се учевме на карактерите и потребите едни со други. Најсреќен дел е тоа што другите соученици воопшто не ги приметуваат оние случки кои секојдневно ги преживуваме заедно сите во одделението, си помагаме едни со други и најважно не се коментира за никоја потешкотија на која наидуваме. Среќата, насмевката и песната не обзема сите за време на одморите, а еден куп емоции кои топлат душа се разменуваат меѓу сите другарчиња.Синергијата испреплетена со љубов, толеранција, разбирање, прифаќање, почитување е наше секојдневие и мото со кое чекориме со крупни чекори напред. Растеме сите заедно, со различно темпо, но новите фиданки се во различни бои со многу љубов и внимание.“

Вклучувањето на училиштето во проектот „Инклузија на деца со ПОП“ го поттикнува и олеснува процесот на градење инклузивна средина и создава можности детските потенцијали да станат видливи и да се развиваат во нагорна линија.