Стипендистот Р.Н. за прв пат ја оствари можноста да биде ученик

Р.Н. е дете на 9 годишна возраст со аутизам и телесна попреченост (потешкотии при движење на левата рака и левата нога). Истиот живее на 7 км оддалеченост од Општина Штип во скромна барака во тешки услови каде често останува и без снабдување на електрична енергија. Запознавањето и стапувањето во контакт со семејството на Р. се случи во месец декември 2020 година каде по извршен разговор со вработени во Центар за социјални работи – Штип добив информација за дете кое не е вклучено на училиште и истото е со посебни образовни потреби.

Како локален координатор за Општина Штип на „Отворете ги прозорците“, во рамки на проектот „Инклузија на деца со ПОП“, поддржан од Детската Фондација Песталоци, отпочнав процес во кој крајна цел ми беше реализација на упис на Р. во училиште. Најпрво се запознав со таткото и мајката на Р. Мајката на Р. по претрпен мозочен удар е лице со попреченост и истата секогаш истакнуваше дека досега никој не им излегол во пресет за да им помогне за било каква потреба. Со мојот човечен пристап сакав да им оставам впечаток дека сум лице кое сака да помогне и да го вклучи Р. во образовен систем.

Го продлабочив односот со нив со тоа што често им се јавував на телефон и ги прашував како се, дали имаат потреба од нешто. Стекнавме взаемна доверба. Тие воочија дека сум човек со чиста и искрена намера. Откако ги воочив плановите и потребите на родителите во однос на Р. од јануари 2021 година го отпочнав процесот на преговарање со училиштето ООУ „Ванчо Прке“ -Штип со цел нивно планирање за упис на Р. од септември 2021 година во прво одделение.

За да ја реализиравме оваа цел имавме низа препреки и потешкотии низ кои моравме да поминеме сите заедно. Една од најголемите препреки беше оддалеченоста на местото на живеење на Р. од училиштето. За таа цел перманентно преговарав со стручниот персонал на училиштето се` со цел да најдеме заеднички начин како Р. би се запишале и би доаѓал на училиште, а истовремено истиот да не плаќа патен трошок имајќи предвид дека родителите се социјално загрозени лица и приматели на ГМП.

Процесот на упис го водев согласно насоките на стручните служби на училиштето „Ванчо Прке“ – Штип, „Центар за социјални работи“ – Штип и „Отворете ги прозорците“. Се консултирав со сите во однос на одредени мои нејаснотии и потешкотии. Одржував редовна комуникација со сите засегнати страни и на крај благодарение на поддршката на Детска Фондација Песталоци застапувана од Здружение за асистативна технологија „Отворете ги прозорците“ успеавме да го запишеме Р. на училиште и да му доделиме стипендија.

Процесот беше тежок. Но, истрајноста, желбата, дисциплината во делувањето и посветеноста на сите нас вроди со плод и успех. Се чувствувам горд и среќен што успеавме да усреќиме родител и дете кое во минатото иако имал желба неговото дете да го запише на училиште од многу препреки и немање соодветна подршка во тоа не успеал.

Горд сум што сум сведок на едно хумано дело, но овде нема да застанеме. Ќе продолжиме сите заедно да исполнуваме соништа на децата со посебни образовни потреби со крајна цел посета на настава и инклузија во образовен систем.

Хусеин Еминов – Локален координатор на „Отворете ги прозорците“ за Општина Штип.