Кругот на другарството во градинката „Весели Цветови“ – Кисела Вода

„Отворете ги прозорците“ во посета на објектот Мимоза – клон на градинката „Весели Цветови“ од Кисела Вода каде што воспитувачките споделуваат инклузивни приказни поттикнати од проектот „Инклузија на деца со попреченост во предучилишната установа“ спроведуван од здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ а поддржан од УНИЦЕФ.

Орхидеја Ѓорѓиевска, воспитувачка со долгогодишно искуство чија мотивација за работа е љубовта која децата ја споделуваат вели дека отсекогаш знаела дека сака да биде воспитувач.

Орхидеја: „Кога бев мала честопати ги собирав куклите и играчките и им раскажував приказни како да сум им учителка, потоа ги собирав домашните, членовите на семејството и на нив исто им раскажував приказни, а како што растев, почнав на сличен начин да им читам и раскажувам и на другарчињата, играјќи си учителка.“

Откако го завршува процесот на образование, Орхидеја започнува со работа во градинката „Весели Цветови“, каде што денес води група деца на возраст од 2 и 3 години.

На прашањето дали имате деца кои пројавуваат потреба за дополнителна поддршка во текот на спроведувањето на активностите, Орхидеја раскажува, „ На сите деца им треба внимание, поттик и стимулација, но низ годините забележуваме дечиња кои имаат потреба од дополнителна поддршка за да растат и да се развиваат како и сите други. Имавме едно дете со тешкотии од аутистичен спектар на нарушувања кое ја посетуваше градинката пред неколку години и кое на почеток немаше развиен говор, но со тек на време и работа се постигна голем напредок. Детето по години престој, учење и игра во градинката успеа да научи да зборува, а и да рецитира стихотворба. Кога ја рецитираше стихотворбата на моменти застануваше и ние веднаш го потсетувавме како треба да продолжи, но забележавме дека кога ќе го прекинеме односно ќе го потсетиме тоа почнуваше да ја кажува песната од почеток. Престанавме да го потсетуваме, односно, му остававме време и така сфативме дека може сам да ја каже песната без некој да го потсети, само му треба малку време.“

Моментално меѓу дечињата со кои работи има дете кое на почеток, откако започнало да ја посетува градинката не сакало да седи во – како што вели Орхидеја, „кругот на другарството“ односно еден круг во кој дечињата седат и работат на одредени активности. „Децата од групата кога ќе сфатеа дека ова дете  не е во кругот, го наоѓаа, го фаќаа за рака и му велеа ајде и ти со нас во кругот на другарството“.

Кај ова дете се забележала потреба од поддршка за подобро да се развие моториката, па така по консултација со стручниот тим од градинката (специјален едукатор, логопед, социјален работник) Орхидеја започнала да ги применува насоките добиени од стручниот тим.

„За време на оброците обрнувавме повеќе внимание на држењето на лажицата и самостојното хранење. Вежбавме и така детето научи самостојно да се храни и да ја држи лажицата. На почеток лажицата постојано му паѓаше, но откако научи сам да ја држи, почна сам да се храни и да ја приближува до устата самостојно.“ – раскажува Орхидеја откако ја прашавме на кој начин ја вежбаше моториката кај ова дете по добиените насоки од страна на стручниот, инклузивен тим.

„Детето не ги сакаше дидактичките материјали од занималната кои ние ги користиме, односно на почетокот  ги удираше, туркаше коцките, ги кинеше сликовниците, но преку разговор успеав да му вдахнам на некој начин љубов на детето кон печатените материјали, односно да може и тоа да  работи со материјали и предмети како фаќање коцки, предмети, боење, цртање и слично. Ова дете денес многу сака да црта и бои. На почеток детето не сакаше да слуша музика, но користејки ги добиените насоки и во соработка со тимот од градинката почнав да му пуштам тивка музика, звуци од природата, птици и слично и сега детето практично заспива со музика.“

Цртеж нацртан од детето

Орхидеја напоменува дека детето користи и дополнителни видови на поддршка надвор од градинката. Исто така ни раскажа како успеала да ја подобри комуникацијата и сега детето се одзива на своето име, а почнува да користи и зборови на македонски, додека претходно користел зборови од англискиот јазик па така кога ќе го прашале „Која боја е коцката?„ детето велело „Red“, сега кажува „Црвена“.

Кај децата со потешкотии потребно е најпрвин детето да научи да зборува на мајчиниот јазик кој во овој случај е македонски, а подоцна да се продолжи со усвојување на други јазици. Токму заради ова воспитувачките тежнеат да го развијат говорот на мајчин јазик.

Кругот на другарството е еден позитивен пример од градинката „Весели Цветови“ – Кисела Вода кои се наши долгогодишни соработници. Кругот на другарството не преставува само еден позитивен пример во поглед на инклузија, но и еден природен, суптилен начин на прикажување дека секој е различен, но сите заедно ја создаваме целината. Оваа приказна е поттикната од проектот „Инклузија на деца со попреченост во предучилишната установа“ спроведуван од здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ а поддржан од Канцеларијата на УНИЦЕФ.