„Работам 23 години како воспитувачка и најсреќна сум кога работам со децата. Не би можела да се замислам како работам нешто друго.“ – вака ја започнува приказната Атинула Ничева, воспитувачка во градинката „Срничка“ – Аеродром која со нас споделува пример за топла, инклузивна клима присутна во нејзината занимална.
Секое дете е различно, со свои индивидуални карактеристики и способности, но сите заедно ја сочинуваат најубавата група за нивната воспитувачка Атинула.
Едно од нив е момченце, кое ја посетува градинката од двегодишна возраст. „На почетокот имавме предизвици за да се разбереме едни со други, за тој да изрази потреба и да ни посочи што сака. Честопати си играше самостојно со своите играчки. Со тек на време сфативме дека разбира што зборуваме, но не можевме да воспоставиме убаво комуникација. Кога работевме одредена активност, нему му беше тешко да остане сконцентриран, односно, со внимание да пристапи кон тоа што го правевме.“ вели нашата соговорничка.
Потоа, пандемијата си го направи своето и ова момче одредено време не ја посетувало градинката, а со тоа и предизвиците кои претходно биле присутни станале уште поголеми.
Но, сега по олеснување на дел од рестрикциите во однос на пандемијата, најголем дел од дечињата се вратени во занималната, а со тоа се врати и можноста за надминување на дел од тешкотиите.
Атинула е воспитувачка која навистина многу се труди, а континуирано вложува во својата едукација. Таа вели дека посетувала обуки за инклузија во организација на УНИЦЕФ, каде научила како се изработува план за работа со деца кои се соочуваат со одредени предизвици за време на процесот на учење. Секако, во консултација и со стручниот тим, односно со поддршка од специјалниот едукатор во градинката таа успеала да изнајде методи и техники кои сега ги применува со ова детенце и постигнува евидентни успеси.
Момчето сега има говор, кој се уште не е ставен во функција на комуникација, но за да се надмине тоа Атинула споделува пример на активност која ја користи. Имено, таа вели дека преку картички со слики од одредени поими, и со нивно поврзување го учи момчето како правилно да формира реченици. „На пример, ќе му покажам картичка со автомобил и пат, а потоа ќе го проширам тоа во реченица, на пример „Кола, вози, пат“. Атинула вели дека таа секако овие материјали ги употребува со сите деца, само што кај ова момченце е потребно малку подолго и поинтензивно да се применува овој метод за да се постигне напредок.
Откако момчето се вратило во градинка по паузата која се случила како резултат на пандемијата, имало тешкотии со адаптација. Овој момент го надминале во комуникација со родителот, односно родителот бил тој кој на воспитувачката и донел предмети што ги сака детето, а воспитувачката ги користела за да го смири. Карактеристичен е моментот дека детето има омилен чешел со кој сака да го чешлаат и тоа е една од работите која го смирува.
Атинула ни раскажа и дека детето посетува дополнителни часови кај специјален едукатор, надвор од градинката и вели дека нејзината комуникација со родителите и со специјалниот едукатор е одлична. Таа добива вежби од специјалниот едукатор кој ги применува и работи индивидуално со детето. Вели дека само така може да се постигне напредок, доколку материјалот од специјалниот едукатор се вежба и повторува и во домот, и во градинката, и секаде.
Нашата соговорничка вели дека многу и е важна и социо-емоционалната клима во групата и затоа работи на содржини на тема толеранција, емпатија, другарство. Таа користи метод на раскажување приказни, а ги користи и сликовниците на Think Equal (Размислувај еднакво),за кои вели дека се одлично помагало за поттикнување на социо-емоционалниот развој на децата и јакнење на другарството. Програмата за социоемоционален развој се спроведува во сите јавни градинки со поддршка од УНИЦЕФ
Сигурна е дека во иднина, доколку ова дете во основно училиште се падне во одделение со некој од децата во групата, ќе наиде на голема поддршка за време на образовниот процес.
Оваа приказна е дел од проектот „Инклузија на деца со попреченост во предучилишното образование“ спроведуван од здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“, а со поддршка на канцеларијата на УНИЦЕФ.