Разликите не обединуваат

Градењето на позитивни вредности и почитување на различноста од најмала возраст е еден од чекорите за креирање инклузивна клима во училиштето. Иако поголем дел од нашите наставници, во рамки на проектот Инклузија на деца со ПОП, присуствуваа и добија знаења и вештини за почитување на детските права и различностите, и дел од тие знаења ги пренесоа на своите ученици сепак постои потреба од почесто организирање на работилници со децата на овие теми.

Преку овој проект успеавме да воспоставиме комуникација со училиштето со ресурсен центар „Златан Сремец“ и да ги прошириме нашите контакти и можности за размена на искуства. Со иницијатива од проектот беше направена работилница на која покрај нашите, учествуваа и ученици од ова училиште, како и од училиштето „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје. 30 ученици од нашето училиште, заедно со уште 30 другарчиња од останатите две училишта, секој од нив со различни можности, способности и карактеристики се вклучија во идејата да креираат алки на пријателство, хамери и постери преку кои испратија порака дека различностите не обединуваат.

„Сите сме различни по многу нешта ама сите сме деца, баш тие разлики не прават поблиски едни со други, да си помагаме, да се надополнуваме, да се дружиме“ – беше пораката која децата ја испратија од оваа активност.

Со насмевки на лицата, задоволни од убаво поминатото време и испратената порака децата се присетуваа и ги споделуваа впечатоците од оваа активност со своите родители, наставници и другарчиња.

Стефани Хаџитомова, Специјален едукатор и рехабилитатор, ООУ „Кочо Рацин“ – Скопје.