,,Различностите се факт, инклузијата е акт“ е мотото од кое се раководи нашето училиште. Училиште кое согледувајќи ги можностите за надминување на предизвиците се труди да одговори на посебните образовни потреби на учениците кои се вклучени во образовниот процес рамноправно со останатите. Патот не е едноставен доколку ги согледаме постоечките предизвици, кои опфаќаат: нецелосна пристапност, недостаток на катче, просторија за релаксација и надминување на предизвиците во справување со сензорни дразби, потреба од адаптација на тоалетите, но и недостатокот на технологија и дидактички материјали прилагодени кон потребите на сите ученици. Но, тоа не нè обесхрабрува, туку напротив нè мотивира да пронајдеме начини за задоволување на овие потреби.
Можноста да бидеме дел од еден инклузивен проект, кај нас ја поттикна дополнително желбата за промена, надградување на капацитетите и особено вербата дека училиштето можеме да го направиме попријатно место за учење и престој на секое дете. Тоа и го потврдивме преку вклучувањето и соработката со Детската Фондација Песталоци и Здружението за асистивна технологија ,,Отворете ги прозорците’’, во рамки на проектот „Инклузија на деца со ПОП“.
Преку учеството на обуки за наставници, стручни соработници, родители и работилници за ученици, како и со опремата која ја добивме во рамки на проектот, забележавме дека се подигна врсничката свесност, прифатеност, општествената одговорност за еднаквиот и рамноправен воспитно-образовниот процес. Особено сме среќни што забележуваме квалитативни промени не само кај наставничкиот и стручен кадар, туку и кај нашите ученици.
По добивањето на асистивната технологија, преку проектот, која ни е од голема важност, успеавме да допреме до учениците на кои комуникацијата и пристапноста во одредени содржини им беше со ограниченост прифатена. Преку софтверските едукативни игри ,,Show me’’ и ,,About numbers’’ се постигна многу кај нашите ученици. Побрз пристап до ученикот и остварување на контакт со него, задржување и насочување на вниманието, подобрена концентрација, стимулирање на говор и одржување на комуникација, спроведување на говорни вежби и поттикнување на визуелната меморија, како и подобрување на способностите за читање и пишување, се само дел од придобивките кои ги забележуваме кај нашите ученици. Дополнително, позитивното влијание и расположение, намалување на стресот, вознемиреноста и анкциозноста, како и истрајноста во зададените активности се мотиватори кои не поттикнуваат да продолжиме понатаму, и нас и нашите ученици.
Асистивната технологија и софтверот во нашето училиште ни овозможија еден поинаков, поинтересен, поиновативен и попристапен начин на работа. Горди сме и на некој начин привилегирани што можеме на нашите ученици да им понудиме нешто повеќе. Иако првенствено софтверот и технологијата го користевме со децата со ПОП, најдовме начин за негова применливост како алатка за работа со сите ученици. На тој начин ја поттикнавме неговата универзалност. Добивме алатка со која станавме модерни, можеби и уникатни кога вршиме упис на нови првачиња.
Задоволните првачиња беа воодушевени од овој пристап, а родителите велеа: ,,Новото време не учи да учиме преку софтверски едукативни игри’’ и дека ,,Новите технологии изнудуваат повеќе насмевки кај децата’’, но и дека ,,Кога детето има монитор на допир, шарена тастатура, одвоени кликови, тракболи безрезервно се впушта во нова наставна содржина, занемарувајќи ја својата различност за која е свесен и можностите кои го ограничуваат“.
Асистивната технологија успева да ги избрише разликите кои постојат помеѓу нашите ученици. Преку неа сите се еднакви.
Татјана Павловска-Деспотовска, Специјален едукатор и рехабилитатор од ООУ „Кирил и Методиј“-Центар, Скопје