Ученикот Б.З има 11 години и е вклучен од прво одделение во нашето училиште. Иако е добро адаптиран и вклопен во своето одделение, сепак кај него забележуваме општа пасивност, односно наидуваме на предизвик овој ученик да го стимулираме да се вклучи во организирани активности. Дополнителна потешкотија за него е и отежнатата комуникација.
Како посебно училиште, кое оваа година се трансформираше во основно училиште, вклучени сме во проектот „Инклузија на деца со ПОП“, реализиран од Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“. Иако располагаме со специјализиран кадар, просторни услови и постоечки услуги сепак нашето учество во овој проект за нас е од особено значење. Нашето училиште е збогатено со современа асистивна технологија, но надградени се и капацитетите на нашите колеги за нејзина примена, но и за давање посоодветна поддршка кон инклузијата во училиштата во кои дејствуваме.
Добиената технологија најпрвин ја ставивме во употреба со нашите ученици. Еден од учениците кој има придобивка од неа е и Б.З. За искуството од нејзината примена неговата наставничка вели:
„Моето одделение од оваа година е опремено со асистивна технологија (таблет, детска тастатура и тастер за комуникација). Асистивната технологија ја користам во реализација на наставните содржини, особено по македонски јазик, математика, работа со компјутери. Ученикот Б.З ја користи детската тастатура во реализацијата на зададените содржини следејќи ги насоките што му ги давам во текот на часот. Покрај детската тастатура паралелно го користиме и тастерот за комуникација, а на тој начин остваруваме подобра интеракција во текот на работата. Ученикот е поттикнат да комуницира вербално и невербално при извршување на задачите.
Адаптираната детска тастатура му дава можност на ученикот за полесно усвојување на нови содржини од наставните предмети. Особено напредок се забележува во подобрување во ориентацијата во микро просторот, кога работи на тастатурата, а тоа се рефлектира и во работата во тетратките, наставните листови и на самата работна површина. Ученикот полесно ги препознава и дискриминира буквите и бројките, а тоа позитивно се одразува врз целокупниот когнитивен и говорен развој. Можноста за манипулација на детската тастатура овозможи подобрување во развојот на фината моторика и диференцијација на прстите како и подобрување на координацијата око-рака и придонесе за зголемување на самодовербата и самостојноста во извршување на одредени активности.
Преку играње на едукативни игри кај Б.З вниманието и концентрацијата беа подолго одржувани и насочени кон активноста. Можноста за интеракција преку користење на уредот (тастер за комуникација) влијаеше на поттикнување на невербалната комуникација, збогатување на рецептивниот говор преку следење на насоки и учење на нови поими и особено на мотивираноста за самостојни спонтани вербални одговори.“
Се надеваме дека нашето позитивно искуство, ќе биде пример и за останатите училишта, а заеднички ќе се потрудиме да го пренесеме и во работата со други ученици од нашето, но и во училиштата кои ги опслужуваме.
ОУРЦ „Златен Сремац“ – Скопје