Универзалниот дизајн, асистивната технологија и пристапните содржини го овоможуваат вклучувањето на секое дете во наставата

Ученичката прв пат ја запознав оваа учебна година , кога таа започна шесто одделение. Моето искуство со ученици кои имаат посебни образовни потреби беше релативно мало, но ме охрабруваше тоа што изминатата година следев две обуки организирани од здружениото „Отворете ги прозорците“ за работа со ученици кои имаат ПОП, а се однесуваа на методи и алатки за работа со овие деца, како да подготвиме дидактички материјали за нив, колку се важни е- пристапните содржини и секако употребата на асистивна технологија и принципите на универзалниот дизајн во сето тоа. Овие обуки се дел од проектот „Инклузија на деца со ПОП“ во кој е вклучено нашето училиште.

Исто така имав претстава дека успехот кај ученик кој има попреченост зависи и од односот кој наставникот ќе го оствари и изгради со него, а за кој пак претходно е неопходно да се запозне ученикот како индивидуа, неговите навики како и начинот на кој најмногу може да запомни или разбере некоја содржина.Од претходно дадениот опис од одделнската наставничка имав претстава за потешкотиите со кои ученичката се соочува, како недостиг на концентрација, пречки во говорот, потешко развивање на логичко размислување, како и за нејзината силна емотивна реакција со плач, која не секогаш, но сепак се јавува кога се раздлеува од родителите за да влезе во училиштето.

Најпрво се обидов да се запознаеме, да ѝ кажам која сум и да ѝ кажам дека ќе работиме интересни работи на мојот час. На почетокот како и да не можев многу да го задржам нејзиното внимание на час со активностите што ѝ ги давав. Таа од сам почеток секој блок часови добиваше работен лист со крупни и јасни илустрации на поимите кои се предвидени да ги совлада за тој наставен час како и со текст кој е краток, јасен испишан со болдирани букви одделени на растојание. Забележав дека илустрациите повеќе ја водат кон успешно совладување отколку самиот текст. Многу голема помош добивав и сеуште добивам и од образовниот асистент, бидејќи во паралелката има уште 25 ученици на кои исто така треба да им обратам внимание. Затоа понатаму работните листови за неа беа направени со поголем акцент на илустративно донесување на содржините што треба да ги совлада, а за истите таа самa да запише со текст, збор до два, што означуваат. По секоја наша наредна средба, мое обраќање и поздравување кога таа ќе дојде на училиште, независно дали тој ден имаме час по природни науки, таа стана блиска со мене, нашиот контакт со очи и заедничка работа можеа да траат подолго, што отвори можност за поголем успех. За учениците по мојот предмет работам веб страна ( www.prirodninauki-6.weebly.com ) која има доста илустрации, анимации, видеа , симулации кои им ги презентирам на сите ученици во паралелката, а воедно и на ученичката која има попреченост. Таа како и сите други деца едновремено ги следеше тие содржини кои како универзален дизајн ми помагаа да реализирам дел од часот едновремено со сите ученици. За сето ова да биде возможно нам многу ни помогна смарт таблата која е поставена во училницата како дел од асистивната технологија.Кога видов дека ученичката многу позитивно реагира на електронските содржини, пробав да ѝ дадам конкретна задача да ја сработи на симулација PHET , да избере елементи за струјно коло и истото да го поврзе на правилен начин за да светилката свети (Прилог 2). Пред ова претходеа работни листови (Прилог 1), индивидуално изработени за неа, во кои таа ги изучуваше елементите на струјно коло, сечеше елементи од хартија и истите ги лепеше и поврзуваше на лист, работеше со вистинско струјно коло, како нагледно средство за неа, кое го вклучуваше, исклучуваше и ги именуваше неговите елементи.

Прилог 1

На ученичката само еднаш и покажав на симулацијата каде се елементите и како треба да ги поврзи , за да таа потоа самостојно и со доста голема брзина истото да го направи, патем именувајќи ги елементите и на крај за да каже и дека светилката свети.

Прилог 2

Охрабрена од овој успех, но и од претходно стекнатите знаења за значењето на е-пристапните содржини, добив мотивација да изработам конкретни вежби во Educaplay (програма за креирање едукативни игри) согласно со потребите на ученичката како инклузивен пристап кон материјалот и истите ги додадов да се јавно достапни на мојата веб страна

Вежбите имаат и текст, но акцентот е ставен на поврзување на поимот изговорен од моја страна и елементот на кој се однесува тој поим. Аудио –визуелниот пакет за тие поими многу го привлече вниманието на ученичката и успешно ја изигра играта, односно ја реши задачата. Игрите содржат демонстративен дел и интерактивен работен дел за ученикот.

По успешната работа на овие вежби користејќи ја асистивната технологија самата ученичка со радост пристапува кога ќе ја повикам да работи на ваква вежба . Изразот на оваа емоција при работа ми дава до знаење дека учениката се чувствува посамуверено и мотивирано за работа, а со мотивиран ученик секоја наредна цел е полесно достижна и отвара можност и за проширување на целите и остварување на поголем напредок.

Лилјана Мирчева, Наставник по природни науки и хемија.