Ученикот Х. Ф, е редовен инклузиран ученик во IV-то одделение во нашето училиште „Братство-Миѓени“ од Тетово. Во училиштето е вклучен од прво одделение и учи заедно со 28 другарчиња во неговото одделение. Според добиените податоци, направени врз основа на процена од релевантна институција, ученикот уште при уписот во училиште достави документација според која е ученик со аутистичен синдром. Но, тоа воопшто не беше препрека тој редовно да ги посетува сите часови, секојдневно, да биде прифатен, адаптиран во училиштето и да воспостави добар однос со своите другарчиња.
Процената која ја направи училишниот инклузивен тим потврди дека Х. има потреба за поддршка во сите подрачја во развојот и образованието. Кај ученикот се работи за забавен психомоторен развој. Развојот на говорот како и сознајните процеси се области за кои на ученикот му е потребно повеќе време, адаптации и поддршка за да може да се стимулираат. Од прво до четврто одделение ученикот е придружуван од образовен асистент, што е значајна поддршка за него. Дополнително, за него одделенскиот наставник и училишниот инклузивен тим има изработено индивидуален образовен план.
Според овој план утврдено е дека на Х. потребна му е подршка во насочување и задржување на вниманието, средување на училишен прибор, адаптација на материјалот за работа што го користи и организацијата на училишната клупа, вклучување во група (социјализација), поттикнување на комуникација со возрасни и врсници и богатење на вербалниот фонд , како и извршување на јасни насоки ,одржување на лична хигиена ,ориентација во време и простор,развој и вежбање на способноста за самостојно читање,пишување и раскажување.
Пред нас се отворија многу дилеми, предизвици, но главното прашање беше: Како ќе го постигнеме сето ова? Нашиот специјален едукатор и рехабилитатор одамна воспостави комуникација со Здружението за асистивна технологија Отворете ги прозорците. Желбата и потребата да ја добиеме, користиме и вклучиме во работата со децата со ПОП асистивната технологија постоеше одамна. Но, моментот тоа да се случи не беше дојден. Кога слушнавме за можноста да бидеме дел од проект со оваа организација, кај нас уште повеќе се разбуди мотивацијата и надежта дека тоа е остварливо. И за наша среќа и на наше огромно задоволство се случи!
Вклучувањето во еден ваков проект, освен што ја обезбеди технологијата за која одамна копнеевме, ги зајакна и нашите капацитети не само од областа на инклузијата и посебните образовни потреби, туку и малку пошироко. Ни даде еден поширок опфат во кој можеме да ги насочиме нашите иницијативи и да го направиме поинклузивно училиштето, преку добиените обуки и нашето учество на настани и работилници организирани од нив.
Тргнавме со идејата: Aсистивната технологија не ги брише или елиминира целосно тешкотиите во учењето,не е магичен предмет, но може да му помогне на детето да го достигне својот потенцијал преку истакнување на неговите силни страни и заобиколување на областите во кои наидува на потешкотии.
После поставените цели почнавме со нивна реализација. Поставивме технологија,компјутер и тастатура со големи копчиња и два пати неделно реализиравме активности преку екранот на допир и едкативниот софтверот кој го добивме од проектот. За да биде сето тоа посеопфатно во работата со детето и користењето на тенологијата ги вклучивме освен наставничката и образовниот асистент. Така и образовниот асистент се запозна со технологијата и ги прошири своите видици.
Ученикот го користи компјутерот и технологијата за да ги извршува активностите за описменување. Компјутерот му помага и го привлекува неговото внимание со помош на бои,звуци и интересни слики, има поголемо внимание пред компјутер бидејќи знаењата се стекнуваат низ игра. Тој сега може да создава едноставни реченици со пишување зборови. Тој ужива додека да ги користи сликите што доаѓаат со зборовите додека пишува. Тој ги слуша неговите реченици користејќи ја функцијата за читање и со насмевка гледа кон својата наставничка кога е задоволен со тоа. Посреќен е и задоволен од својот успех, препознава дел од боите, полесно стапува во комуникација и интеракција.
Екранот на допир и тастатурата, заедно со едукативниот софтвер се комуникациски уред со кој нашиот ученик воспоставува интеракција и комуницира, но и учи да пишува.