Учеството во проектот „Инклузија на деца со ПОП“ ја зајакна нашата соработка со општината

ООУ „Кочо Рацин“ – Скопје, од 2020 година е вклучено во проектот „Инклузија на децата со ПОП“ од страна на Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“, поддржан од фондација Песталоци. Нашата двегодишна соработка овозможи голем дел од нашите наставници да учествуваат на обуки каде стекнуваа знаења и ги надградуваа своите капацитети за да може полесно да одговорат на предизвиците кои ги носи инклузијата. Училиштето за прв пат има можност да добие и користи асистивна технологија, но и да ја збогати палетата на дидактички помагала со кои се олеснува воспитно образовниот процес за сите ученици. Покрај придобивките кои ги имаат директно нашите колеги и учениците, преку овој проект воспоставивме подобра соработка со бизниз заедницата и со локалната самоуправа.

Фандрејзинг активностите се новина за нас. Во реализацијата на истите го вклучивме и Советот на родители. На тој начин родителите станаа посензитивни за потребите на учениците со ПОП и сите заеднички се обединивме во идејата да создадеме подобри можности за престој и учење на сите ученици.

Во рамките на овој проект беше реализирана средба со претставници од општината, на која ние како училишта ги презентиравме, нашите акциски планови. Акцискиот план за подобрување на инклузивноста го изработивме во рамки на проектот и со поддршка од тимот на Отворете ги прозорците. Пред неговата изработка следеше процес на самоевалуација на инклузивноста на училиштето и планот ги претставува нашите потреби, но и иницијативи за подобрување на инклузивноста. Од таа средба прозилезе и дискусијата за обезбедување на лични асистенти за дел од учениците со ПОП. Иако за дел од нашите ученици имаме образовни асистенти, сепак за некои од нив ни се потребни и лични асистенти.

Набрзо по средбата, бевме контактирани од нивна страна, за потребите на нашите ученици. Во училиштето имаме еден ученик (Ј.Т.) кој е на возраст од 11 години и има потреба од помош и поддршка во училиштето, особено во делот на движење бидејќи има телесна попреченост. Нашето училиште не е целосно пристапно и овој ученик со тешкотија се движи низ катовите, до тоалетите и низ целото училиште. Општината спроведе иницијатива да обезбеди личен асистент за него за да се осигура неговото активно и олеснето учество во сите активности во училиштето. Оваа услуга за нашиот ученик ќе започне да се реализира со започнување на второто полугодие и се надеваме дека ќе биде само основа на добивање поддршка која ќе се надградува со нови услуги и активности.