Преку фандрејзинг активности потребите на учениците со ПОП станаа повидливи за средината

Секое дете е посебно. Децата се развиваат различно, сите тие имаат различни карактеристики, различни силни страни и на сите им е потребна различна поддршка за да го остварат својот потенцијал.

Кога се зборува за позитивен пример на вистинска инклузија во мислите веднаш ми се појавува ликот на ученикот М.И. Тој е ученик во четврто одделение во ООУ „Васил Главинов“ Велес. При уписот во прво одделение родителите инсистираа тој да посетува настава во централното училиште, а не во подрачното кое е на чекор од нивниот дом. Причината за тоа беа условите кои ги нуди нашето училиште, а во потполност одговараат на состојбата на детето.

М.И. е дете со церебрална парализа, кое се движи само со помош на количка за лица со телесни пречки во придружба на родител. При разгледувањето на училишната зграда на родителите им беа презентирани условите кои ги поседува нашето училиште за полесно движење и функционирање на лицата со попреченост. Пристапната рампа на влезот на училиштето му возможува на ученикот непречен пристап во училишната зграда, елеваторот во голема мерка му го олеснува движењето меѓу спратовите, додека адаптираните тоалети, просторијата за индивидуална работа и огромниот број на едукативни и нагледни средства го прават поубав секој ден поминат на училиште.  На ученикот му е доделен образовен асистент кој неуморно му ја дава неопходната поддршка за време на наставата но и после завршувањето на часовите. 

Иако нашето училиште располага со соодветни услови сепак постојат делови за кои ни е потребна поддршка. Недостатокот на соодветни дидактички помагала и пристаноста до фискултурната сала се дел од нив. Вклучувањето на нашето училиште во проектот Инклузија на деца со ПОП за прв пат ни даде можност да стекнеме знаења за фандрејзинг активности. Досега немавме можност за учество на работилници и активности на оваа тема. Покрај останатите активности снимивме видео за да допреме до бизнис заедницата. Овој ученик е „главен актер“ во видеото снимено за потребите на фандрејзингот. Преку оваа активност и овој проект нашите потреби станаа многу повидливи за нашата средина и заедница. Околината по гледањето на видеото започна да ни пристапува со цел да понуди поддршка со која ќе го направиме поквалитетен престојот и образованието на нашите ученици.

Дополнително, обезбедената асистивна технологија и дидактички помагала, преку овој проект, го олеснуваат процесот на учење на М.И. Тој е пресреќен кога пишува на тастатурата со големи копчиња, бидејќи на тој начин полесно може да напише нешто. Во домашни услови работи на персоналниот компјутер дониран преку горенаведениот проект. Посебна радост му претставува големиот демонстративен часовник и светлечкиот глобус, кои се новина за нас, донирана од Отворете ги прозорците.

Образовната асистентка на М.И. вели: „Секогаш насмеан, весел, трпелив, тивок, смирен, спремен за соработка. Сака да оди на училиште. Има голема поддршка и љубов од своето семејство, соучениците, наставниците и стручната служба во училиштето. Кога ќе го прашате кој му е омилен предмет, тој одговара-сите!  Вложува дополнителен напор  да научи собирање и одземање, да совлада нови наставни содржини, мерни единици, но брзо ги учи латиничните букви и трицифрените броеви. Решава осмонасочник и работи активности со кои ја вежба фината моторик(реди магнети, лепи колаж  работи со пластелин). Со посебен интерес на географска карта пронаоѓа континенти и океани, градови, планини, реки, езера во сопствената земја“.

 Посветеноста на двајцата специјалните едукатори и рехабилитатори кон вистинското спроведување на инклузивните практики и политики и решавање на проблемите и предизвиците со кои се соочуваат во секојдневната работа доведоа до тоа да нашето училиште стане лидер на инлузивност во регионот. Можеби нашиот М.И. нема да биде шампион во кошарка, фудбал, но создаваме услови да стане среќен, задоволен, корисен член на општеството.