Секој од секого учи, поддршката не им е потребна само на учениците туку и на наставниците

Јуни 2016 година. Топло летно попладне. Телефонот заѕвони. Од другата страна го слушнав гласот на пријателка со која се познававме десетина години. Со паничен страв на родител започна да го кажува својот проблем. До тогаш не знаев дека има ќеркичка која има некои проблеми со психичкиот развој. Кажуваше дека треба да ја запише во прво одделение и дека ѝ предлагаат да ја запише во подрачно училиште во некоја мала рурална средина. Слушајќи ја, почувствував дека очекува да го чуе моето мислење. Ѝ  кажав дека во тој миг не можам да дадам одговор кој ќе биде најправилен. Таа година требаше да бидам наставник на нова генерација ученици. Ѝ предложив да се видиме, но да ја земе со себе и ќеркичката.

Се сретнавме на Широк Сокак. Малечката не сакаше да се приближе до мене. Не инсистирав. Одевме, трите, по широката улица. Се движеше паралелно со нас, не покажувајќи дека слуша дел од разговорот кој го водевме  со мајка ѝ. Седнавме во слаткарница каде се обидов да воспоставам првична комуникација, но не ми успеа. Без да ме забележи ја набљудував. Уживајќи го јадеше својот сладолед, не обрнувајќи внимание на случувањата околу неа. Физичкиот изглед ѝ беше прекрасен. Висок раст, соодветна тежина, црна сјајна коса… Имаше убави очи од кои излегуваше, навидум бистар поглед во кој, сепак, нешто недостасуваше. Одлучив, ќе биде моја ученичка.

Првата година беше тешка и за двете. На часовите, најчесто, седеше заедно со еден од своите родители. Се обидував да направам сè за да го прифати училиштето, особено училницата, но одеше многу тешко. Постоеа денови во кои одлично комунициравме, но имаше и такви кога, во обид да остане сама на часовите (без родител) беше многу тешко и за двете. Одлучивме, часовите ќе ги „следи“ со родител во континуитет. Многу сакаше да бои. Ги користеше сите бои, така што најголем дел од времето го поминувавме во таа активност. Усвојувањето на буквите и броевите го правевме со користење на фломастери, бидејќи не го сакаше моливот. Понекогаш сакаше да прави, добро обмислени, движења со телото (самостојно да игра), за време на часовите по Музичко образование, но не и да слуша музика која некој друг ја избрал (во случајот јас) или да пее. Не ја сакаше гласната и на делови умерено агресивната (се мисли на темпото и динамиката) музика. Сакаше и умееше да црта на компјутер, па често работеше на мало лап-топче, уживајќи. Ги сакаше физичките активности, но не успевав да ја убедам да биде дел од групите ученици кои наредени по одредено правило ги изведуваа вежбите на часовите по Физичко и здравствено образование. За цело време нејзините соученици целосно ја прифатија. Се обидуваа да бидат заедно на големите одмори во училишниот двор, да ˋи помагаат за време на часовите. Често знаеше тоа да им го дозволи, но дистанцата од нејзина страна секогаш остануваше. Се обидував да ја „научам“ да се смее. Во почетокот тоа го правеше механички, но со текот на времето насмевката стануваше поприродна. На одморите уживаше во игрите на сенките, во движењето на облаците, во летот на птиците, во мирисот на цвеќињата во училишниот двор. Не директно, но сепак покажуваше дека сака да сум  во нејзина близина. Се плашев да не се приврзи премногу со мене. Не знаев како да постапам во одредени ситуации. Беше тешко и за двете, се разбира на различен начин. Мојата тешкотија произлегуваше од мојата немоќ да направам многу повеќе од она што го правев.

Во меѓувреме започнаа обуките организирани од страна на проектот „Инклузија на деца со ПОП“, реализиран од „Отворете ги прозорците“, со поддршка од Детската Фондација Песталоци.  Без двоумење се пријавив. Слушајќи ги обучувачите успевав да си одговорам на безброј прашања кои до тогаш, за мене, претставуваа енигма на која немаше со кого високо стручно да разговарам, споделувам, да побарам мислење, совет и помош. Сфатив дека одредени работи кои добронамерно сум ги правела, резултирале со контра ефекти. Обучувачите несебично ги споделуваа своите стручни знаења, но и своите искуства кои претставуваа богатство кое врз мене влијаеше како олеснување, бидејќи работите стануваа појасни. Стана многу поразлично, бидејќи лесно е кога имаш кого да прашаш. Нивната ангажираност не беше само за време на обуките. Имавме слобода, во секое време да стапиме во комуникација со нив, доколку имаме потреба од споделување на проблем и изнаоѓање начин за негово конструктивно решавање, се разбира во интерес на ученикот.

Во четврто одделение, од 11 март, поради пандемијата ја започнавме on-line наставата. За повеќето ученици тоа беше тешко, но не и за неа. Ги следеше часовите, од првиот до последниот, повремено учествувајќи во одредени активности. Но, мојата работа со неа беше на индивидуално организираните часови. Беше уживање, применувајќи голем дел од советите добиени на обуките, да се слушне како чита, се разбира полека, некаде буква по буква, некаде слог по слог, а некаде и цел збор, се разбира доколку е составен од три до четири букви; да се решаваат едноставни математички задачи зададени на наставни листови, конструирани според насоките добиени од обуките; да се зборува за едноставни содржини поврзани со Природни науки и Општество.

Денес, таа го посетува шесто одделение. Училиштето ангажира образовен асистент. Добро се снаоѓа на часовите. Се гледаме за време на големите одмори. Често знае да истрча и да ме гушне. Пред некој ден ја видов како им помага на помошните работници при китењето на новогодишната елка во училишниот хол. Неочекувано истрча и во знак на поздравување го допре моето рамо со лицето, за веднаш потоа,  брзајќи, да се врати кај елеката за да го продолжи украсувањето.  

Во петокот, после часовите, во мракот и гужвата во училишниот двор не забежав дека поминала покрај мене, но затоа слушнав: „Чао наставничка!“ Се погледав подобро во темницата и ја видов нејзината блага и едвај приметна насмевка. Бев пресреќна… за неа.

 Одделенски наставник: Фанче Јошевска, ООУ „Елпида Караманди“, Битола