Основното училиште со ресурсен центар „Маца Ѓ. Овчарова“- Велес е деветгодишно училиште основано 1973г. со основна дејност – воспитние, образование и третман за ученици со попреченост. Функционира во заедничка зграда со ООУ„Панко Брашнаров“-Велес и е препознатливо по својата хуманитарна мисија и алтруизам. Во досегашното долгогодишно постоење, нашето училиште обезбедуваше образовен и рехабилитационен третман на деца со интелектуална попреченост, аутизам и комбинирани пречки во развојот, како и ресурсна логопедска дејност за корективен третман на ученици логопати кои имаат потешкотии во говорот и говорното изразување, од редовните основни училишта од Општина Велес. Од минатата учебна година, училиштето ја прошири својата дејност и сега сите услуги ги обезбедува за 31 училиште од 11 општини од нашиот регион.
Во секојдневната работа, учениците кои учат во училиштето, како и оние кои ги користат ресурсните дејности, се опфатени од специјални едукатори и рехабилитатори, логопеди, психолог, негуватели – физиотерапевти и други стручни кадри. Наставата се реализира во две смени, во училници, а корективните третмани во логопедски кабинет, кабинет за сензорна стимулација и кабинет за психомоторна реедукација и корективна гимнастика.
Од минатата година, особено значајно е да се истакне проширената дејност на училиштето за чија што реализација и успешност се одговорни сите вработени. На почеток училиштето се подели на неколку сектори. За почеток ќе го издвоиме секторот за обезбедување образовни асистенти, за кој се одговорни 6 специјални едукатори кои ја превземаа обврската да бидат тренери/обучувачи на образовните асистенти, а со тоа и нивни ментори во секојдневната работа со ученици со ПОП кои се инклузирани во редовниот образовен процес. Својата стручност и искуство исто така, ги пренесуваат и преку учество во Инклузивните тимови на училиштата со кои заеднички ја координираат имплементацијата на инклузивното образование. Паралелно со овие промени, се случи и вклучувањето на нашето училиште во проектот Инклузија на деца со ПОП, спроведуван од Здружението Отворете ги прозорците. Би рекле, во вистинско време во кое се случува значаен процес, каде ни е потребна поддршка.
Во целиот процес дојдовме до заклучок, дека нашата поддршка на училиштата освен со човечки ресурси, потребно е да биде обезбедена и низ едукативни материјали, а особено асистивна технологија. За таа цел, благодарение на големата донација на уреди од асистивна технологија, сензорни уреди итн. во училиштето се формираше еден вид на „библиотека на едукативни материјали и асистивна технологија“ и истите им се доделуваат на училиштата од реонот на повратна услуга (реверс), во зависност од тоа каква потреба имаат. Во моментов оваа услуга е дадена на две училишта (с. Иванковци и Неготино) во кои се обезбедени асистивни уреди. На тој начин преку нашето учество во овој проект, станавме поподготвени да можеме да испорачуваме услуги кон надвор, но и да ја зајакнеме работата со нашите ученици.
Вториот сектор е составен од 6 специјални едукатори и 2 логопеди кои се одговорни за обезбедување на соодветни дефектолошки и логопедски третмани за инклузираните ученици со ПОП кои дел од наставата ја следат по модифицирана програма, за учениците кои имаат потреба од дополнителна сензомоторна и психомоторна стимулација и реедукација, како и за логопати ученици кои имаат говорно јазични попречености. Во моментов, овие третмани ги посетуваат околу 50тина ученици, од кои најголемиот број посетуваат логопедски третмани. За успешно спроведување на третманите од особена важност беше доопремувањето на училиштето со сензорни и сензомоторни уреди кои секојдневно ги користат по 10 ученици во просек.
Благодарение на асистивната технологија, особено сега, во период на пандемија, успешно се спроведуваат инклузивни работилници со ученици, родители, наставници и стручни соработници, од редовните училишта од општините во реонот на ОУРЦ „Маца Ѓ. Овчарова“-Велес.
За предизвиците со кои се соочуваме еден наставник вели: „Предизвикот за конечна имплементација на инклузивното образование, со кој се соочивме во изминатата година, иако на почеток изгледаше застрашувачки и голем дел од нас се прашуваа дали соодветно ќе одговориме на истиот, веќе изгледа како минато, а инклузивното образование како реална сегашност. Уште многу активности ќе треба да се преземат, за конечно да можеме да кажеме дека овој процес е успешен, но со поддршката која ја имаме од ресурсните центри, од владиниот и граѓанскиот сектор, секојдневните предизвици изгледаат полесни.“