Тетовски училишта добија обука за асистивна технологија

Во текот на оваа недела, од први до четврти септември, тимот на здружението Отворете ги прозорците, како домаќини ги имаше двете тетовски училишта „Наим Фрашери“ и „Братство Миѓени“. Целта на оваа посета беше обука за претставниците од овие училишта, за примена на асистивната технологија, како алатка за поуспешна инклузија на ученици со посебни образовни потреби.
Четириесетина наставници и претставници од стручните училишни служби, имаа можност да се запознаат со концептот на инклузивно образование и користа на асистивната технологија за подигнување на квалитетот на образование за учениците со посебни образовни потреби.
Во следната фаза училиштата ќе добијат и технологија и едукативен софтвер на наставните јазици на кои се спроведува наставата.
Вонредните услови на работа воопшто не беа причина за да се намали интересот на учесниците за посета и следење на оваа обука. Всушност ова е првата обука која ја означува соработката на тетовските, но и на останатите осум училишта од земјава, во рамки на проектот Инклузија на ученици со посебни образовни потреби, што здружението го спроведува во соработка и со поддршка од Детската Фондација Песталоци.
Следната недела тимот ќе спроведува обуки во Велес и Скопје.