Ученикот М.Ј. е ученик во ООУ„Ванчо Прке“ – Штип во V одделение. Тој е ученик со потешкотии во учењето, односно не може во целост да го следи воспитно-образовниот процес предвиден со програмата за редовна настава. Поради тоа за ученикот беше изготвен ИОП. Првичната состојба на ученикот беше следна: сиромашен вербален фонд, на прашања одговараше со кратки реченици, опишуваше слики со постојана помош и поддршка. Недоволно познавање на делови од телото, ориентацијата во простор и време не беше во склад со хронолошката возраст, моторниот развој беше лесно успорен.
Постоеше потреба од континуирана помош и поддршка при препознавање на боите и геометриските форми, на полето на пишувањето, читањето и пресметувањето. Поради горенаведените потешкотии со овој ученик беше работено интензивно во логопедско-дефектолошкиот кабинет во нашето училиште.
При работата беше користена аситивната опрема обезбедена преку Здружението „Отворете ги прозорците“, конкретно мониторот на допир со инсталирани софтвери со едукативни апликации Show Me, About Numbers. Мониторот беше одлично средство за мотивација на ученикот за стекнување на знаења преку игра. Ученикот активно учествуваше во работата.
По употребата на асистивната опрема кај ученикот се забележа подобрување на состојбата, односно се збогати фондот на зборови, се подобри можноста за самостојно раскажување и составување раскази по слики. Се подобри броењето напред-назад, определување и допишување на броеви кои недостасуваат, определување на бројот пред и потоа, ориентација во простор и време. Се подобри визуо-моторната координација и имаше напредок во грубата и фината моторика кај ученикот.
Како резултат на овие позитивни промени во согласност со родителот беше донесена одлука ученикот да продолжи да работи по редовна програма со примена на метод на диференицијација на индивидуализација на наставните содржини по предмети.
Употребата на асистивната технологија кај овој ученик доведе до значително подобрување на неговата целокупна состојба што позитивно се одрази на неговата самоодоверба. Тој е ученик кој успева со индивидуални прилагодувања да ги постигне целите предвидени според наставниот план и програма. За целокупното досегашно искуство стручниот соработник од училиштето вели: „За успешната соработка со Здружението „Отворете ги прозорците“ зборуваат делата. Весели, мотивирани и среќни лица на сите ученици кои ја користат асистивната опрема придонесуваат за уште поголем ангажман на нас наставниците и стручните соработници во училиштето. Среќните деца не чинат среќни и задоволни и нас возрасните. Да создаваме уште поуспешни приказни во иднина и ваквите приказни да бидат дел од нашето секојдневие“.