Наша насмевка

„Наместо да се обезбедува нешто поразлично или дополнително за деца кои се соочуваат со тешкотии во нивното учење, инклузивната педагогија се обидува да го прошири она што вообичаено им е на располагање на сите “

(L.Florian,2011)

Заеднички да изградиме свет со подобро разбирање, прифаќање и љубов. Учениците со посебни образовни потреби успеваат да постигнат многу кога се вклучени во редовна настава.

Ние ја сакаме филиозофијата за инклузивно образование, но уште повеќе сакаме кога ќе видиме позитивна реакција кај секое дете, наш ученик.

Презентирањето на позитивни приказни кои ги градиме низ нашата работа е еден од најдобрите начини да ги убедиме луѓето кои не веруваат дека инклузијата работи на дело. Инклузијата претставува предизвик не само за наставниците туку и за училиштата кои треба да им обезбедат училишна средина каде што учениците ќе се чувствуваат сигурно, безбедно и мотивирано.

Инклузивното образование им обезбедува подобро и квалитетно образование на сите деца кои се вклучени во образовниот систем. Училиштата им овозможуваат на децата со посебни образовни потреби врска со светот надвор од нивното семејство и им овозможува развој во социјална средина заедно со своите врсници.

Нашиот ученик од III одделение е со аутистичен спектар на нарушување. Тој умее и сака да црта животни, сака да трча и да игра фудбал. Неговаи најголеми предизвици се потешкотиите во пишувањето и концентрацијата. Вниманието во текот на часот е ограничено на 10 минути, а потоа е потребен одмор за да може ученикот да продолжи со активностите. На почетокот на учебната година тој беше повлечен, срамежлив а сето тоа резултираше и со намалено дружење со соучениците, страв и збунетост во секојдневното функционирање.

Од тие причини беше потребен образовен асистент, наставник и стручен инклузивен тим кој ќе работи контиунирано со ученикот. Училишниот инклузивен тим на ученикот е директно вклучен во неговиот воспитно образовен процес и има одговорност сите негови потешкотии да ги сведе на минимум. За остварување на таа цел, една од алатките што се користи во работата со него е асистивната технологија.

Асистивната технологија опфаќа широк спектар помагала за олеснување на комуникацијата, работата на компјутер како и помош при извршување на секојдневните функции кои што во спротивно би можеле да бидат тешки или невозможно остварливи. Со помош на асистивната технологија нашиот ученик може да собира и одземи броеви до 20, препознава предмети и форми, прави класификација по сличност и намена, ги препознава буквите, а интерактивните игри му помогнаа полесно да остварува комуникација со неговите соученици.

Ученикот е прифатен од соучениците, од наставниците а образовниот асистент и наставникот работат на подобрување на инклузивната клима и остварување на целите за негов понатамошен напредок. Неговиот наставник истакна: „Се трудиме диференцираните цели во наставата да му ги претставиме на начин кој е за него најлесен и најразбирлив. Во таа насока асистивната технологија ни овозможува поддршка при реализацијата“.

Училишен инклузивен тим

ОУ „Коле Канински” – Битола