Инклузијата е процес во кој сите учествуваат

Општинското основно училиште „Панко Брашнаров“ од Велес, е училиште кое за прв пат доби можност да биде дел од проект каде што добива поддршка во делот на инклузија. Учеството во овој проект ни даде основа да добиеме појасна слика за инклузивноста во целост, но и за нивото на инклузивност каде се наоѓа нашето училиште.

Успеавме да ги зајакнеме капацитетите на нашите наставници преку учеството на различни обуки преку овој проект, да добиеме материјали, технологија и алатки со чија помош го збогативме и иновиравме воспитно образовниот процес.

Преку проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“ успеавме да ја подобриме и пристапноста на нашето училиште за учениците со ПОП, но истовремено и да ја разбудиме свесноста на бизнис компаниите за нашите потреби. Преку фандрејзинг активностите поставивме цел да прилагодиме тоалети за деца со посебни потреби, затоа што тие ги немавме. Успеавме во тоа и навистина сме горди.

Со проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“ во нашето       училиште навистина внесена е позитивна промена. Преку обуките кои ги посетија нашите наставници и родители се стекнаа со знаења и  вештини кои се корисни и во иднина ќе  ги применуваат.Училиштето преку проектот доби и асистивна технологија и таблети за користење на учениците во наставата. Децата кои имаа потешкотија да следат онлајн настава, ја добија оваа можност преку проектот.

Задоволството е присутно кај сите, а за тоа говорат изјавите на нашите наставници, родители и она што е најважно нашите ученици.

Од изјавата на наставничка, ученикот во прво одделение има подобрување од причини што започна да соработува со учениците и со наставничката. Големо влијание има образовниот асистент кој е одреден за него. Во одредени случаи кога ќе се намали вниманието на детото во нашето училиште се наоѓа и училиштето за посебни образовни потреби „Маца Овчарова“ каде ученикот во одредени ситуации соработува со нивниот училишен дефектолог во сензорната соба. Преку овој проект ја продлабочивме соработката и со нив, а донираните ресурси во посебното училиште се корисни и за нашите ученици. Ние немаме специјален едукатор во нашиот тим, но успешно го надопонуваме со едукатор од ова училиште и навистина ни се од корист сите насоки, совети и можности за обезбедување квалитетно обраозвание за сите ученици.

 „Преку проектот „Инклузија на децата со ПОП“ нашите ученици кои потекнуваат од социјално депривирани средини и немаа услови да се вклучат во наставата добија можност активно да се вклучат во онлајн настава, преку донација на таблети. Овој проект е значаен за училиштето, затоа што овозможува сите ученици подеднакво да се вклучат во наставата. Досегашната соработка со здружението „Отворете ги прозорците“ е одлична и се надеваме дека и во иднина ќе продолжи така“ – вели задоволен наставник.

За да изградиме инклузивна средина, значајни ни се и родителите. Преку овј проект и тие имаа можност за прв пат да учествуваат на обуки: „Јас како родител можам да кажам дека и двете обуки кои ги посетив обуката за „Детските права“ и обуката „Почитување на различностите и интеркултурализам“  беа од големо значење за мене, бидејќи се стекнав со знаења кои се доста интересни и корисни за децата, и кои во иднина ќе ги применувам“.

Нашите задоволни ученици велат:

„Јас сум ученик во седмо одделение во ООУ „Панко Брашнаров“ Велес кој имав можност да добијам таблет преку Здружеието „Отворете ги прозорците“ и проектот „Инклузија на децата со ПОП“. Овој проект е многу значаен за мене бидејќи ми овозможи јас како и сите останати деца да се вклучам во онлајн наставата, и активно да ги извршувам сите училишни активности. Се надевам дека и понатаму ќе има вакви проекти каде што ќе им се помага и на другите ученици кои немаат можност да се вклучат во наставниот процес“