Проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби (ПОП)“ поддржан од Детската фондација „Песталоци“, спроведуван од Здружението за асистивна технологија „Oтворете ги прозорците“, отвора повик со кои ги повикува факултетите (вклучени во проектот) да аплицираат со идеи за креирање на апликации/ресурси за поддршка на инклузивната настава, односно инклузивниот воспитно-образовен процес во основните училишта.
Главната цел на повикот е да се поттикнат факултетите да ги насочат своите стручни, научни и технички капацитети во изнаоѓање решенија за креирање ресурси и апликации што ќе ја збогатат средината за учење и развој за сите деца. Реализацијата на најдобрите две предлог-решенија ќе биде поддржана со грантови обезбедени од проектот.
Потребата за објавување на овој повик, произлегува од недостатокот на ресурси и апликации на наставните јазици кои се застапени во нашето образование. Затоа се објавува овој повик преку кој од апликантите се очекува да креираат апликации и ресурси за поддршка на образованието, и од аспект на учениците и од аспект на наставниот и стручниот кадар во училиштата.
Во рамки на проектот беше спроведена анкета со проектните училишта за тоа кои се нивните потреби во делот на креирање ресурси и апликации. Добиените одговори се сумирани во следните области:
- Поддршка на академски вештини:писменост, математички вештини,знаења од СТЕМ предметите
- Социјален и емоционален развој: процена и следење на емоционалниот развој на учениците,процена и следења на можни ризици од насилство, дискриминација, стереотипизација и кршење на детски права
- Пристапност и достапност на информации (надминување на предизвици поврзани со сетилата, вид, слух, говор)
- Ресурси за поддршка на инклузивната настава кои подразбираат иновативни методи и техники за работа на наставниците со сите ученици.
Овие области се излистани како насоки за инспирација, но не се ограничувачки при аплицирањето и со идеи од други области поврзани со инклузивното образование.
Предмет на повикот
Овој повик е наменет за избор на две најдобри идеи за изработка на инклузивни апликации/ресурси што ќе ја поддржат инклузивната настава, односно инклузивниот воспитно-образовен процес. Инклузивните апликации/ресурси се очекува да бидат во форма на:
- инклузивно решение во форма на мобилна/веб-апликација, што би ја користеле наставниците во работата со сите ученици, вклучително и ученици со ПОП и/или би ја користеле учениците како поддршка во учењето и развојот;
- инклузивно решение во форма на наставно-дидактички ресурси (водич/прирачник/алатка за процена и следење и сл.) за наставниците/стручните соработници со содржини или методологија што би го поддржале спроведувањето на инклузивната настава, во форма на онлајн пишан документ (PDF/HTML).
Преку овој повик ќе бидат избрани две победнички идеи за кои ќе се доделат 2 гранта во висина од по 184.500,00 денари по идеја. Бројот на апликации не е ограничен, еден факултет може да аплицира со повеќе од едно предлог-решение. Зависно од добиените предлог-решенија и од исполнувањето на критериумите (наведени подолу во овој повик), ќе бидат одбрани по едно предлог-решение од двете форми или две предлог-решенија само од една од наведените форми.
Подобност за аплицирање
Право да аплицираат на овој повик имаат факултетите со кои проектот има потпишано меморандум за соработка. Идеите ги поднесува факултетот како правно лице (во понатамошниот дел — апликантот), кој потоа и ги администрира финансиите доделени од грантот. Во изработка на апликацијата/ресурсот апликантот пожелно е да вклучи и професори од други факултети со кој проектот соработува или надворешни други стручни лица потребни за финализирање на инклузивното решение (практичари од училиштата со кои проектот соработува). За финални ресурси се сметаат:
- Мобилна/веб-апликација поставена на Google playStore или друга перманентна веб-локација од каде што корисниците ќе можат да ја преземат и/или користат и
- Финално дизајниран водич/прирачник/алатка за проценка и следење поставен на перманентна веб-локација во PDF/HTML формат, од каде што ќе може да се преземе или чита директно.
Опис на очекуваното решение
Од решението се очекува:
- Да биде иновативен производ кој до моментот на аплицирање не е достапен како поддршка на наставата во нашата држава.
- Да ги почитува принципите на универзалниот дизајн и да содржи можности за прилагодување (пристапност) кон индивидуалните потреби на ученикот
- Да биде во рамки на подршка на наставниците, стручните служби и лица кој што директно работат со учениците, вклучително и учениците со ПОП.
- Да ги следи целите на наставната програма од основното образование (предност ќе имаат идеите за решение кое се поврзува со повеќе цели од наставната програма)
- Решението да има можност да се локализира на повеќе јазици
Критериуми и начин на избор на победничка идеја
Сите комплетни и навремено доставени апликации за предлог-решение ќе бидат земени предвид, првично преку детално сопоставување на напишаното во апликациите со поставените критериуми во повикот, а потоа и од соодветна комисија што ќе ја следи презентацијата на идеите. Според следните критериуми највисокиот ранг на поени што може да ги добие една идеја е 100:
- Иновативност на решението (најмногу 15 поени)
- Применет универзален дизајн и/или обезбедена пристапност (најмногу 15 поени).
- Интердисциплинарност на тимот вклучен во изработката (најмногу 15 поени).
- Доставено портфолио со креирани претходни слични решенија (најмногу 10 поени).
- Распределба на финансиите (најмногу 5 поени).
- Корелација со целите на наставната програма од основното образование (најмногу 10 поени).
- Оддржливост на инклузивното решение (најмногу 10 поени)
Апликантите ќе бидат поканети на онлајн презентации за да ги образложат предлог-идеите. Секој апликант го презентира секое решение во рок од 5 минутна презентација и 10 минути follow-up прашања од комисијата поврзани со идејата. Согласно презентирањето, апликантите од комисијата што ќе ја следи нивната презентација ќе можат да добијат дополнително најмногу 20 поени на претходните. На презентацијата апликантите што аплицираат за креирање веб/мобилна апликација ќе треба да прикажат мокап од апликацијата што сакаат да ја развијат, а од апликантите што аплицираат за креирање наставно-дидактички ресурси се очекува предлог-содржина/теми што ќе бидат опфатени во ресурсот. Од апликантите на прифатените две идеи што ќе бидат поддржани со грант, во рок од 10 дена по соопштување на изборот, се очекува да достават детален акциски план со временска рамка во која ќе биде опишано како ќе се финализира решението во месеците што преостануваат со повикот.
Временска рамка
- Инфо средба за прашања и информации поврзани со повикот 17 август 2023.
- Поднесување на предлог-идеи до 7 септември 2023.
- Презентација на предлог-решенијата на онлајн средба на 12 септември 2023.
- Избор на 2 предлог-решенија 14 септември 2023
- Креирање, тестирање, финализирање и промоција на инклузивното решение 15 септември 2023 – 30 декември 2023.
Начин за аплицирање
Очекуваме апликацијата да ни ја испратите пополнета не подоцна од 5 септември 2023г. Во апликацијата назначете координатор на проектот, којшто ќе биде контакт лице и презентер на идејата пред комисијата.
Здружението Отворете ги прозорците ќе ги извести избраните апликанти за исходот од направената селекција, не подоцна од 14 септември 2023г.
Некомплетните апликации како и апликациите пратени по крајниот рок нема да бидат земени предвид.
Сите дополнителни информации и/или прашања ќе бидат дополнително образложени на онлајн инфо средба на 17 август, за која дополнително ќе биде испратен линк. Со цел да учествувате на оваа онлајн инфо средба ве молиме обратете се со електронска порака на mvelinovska@openthewindows.org во која ќе изразите интерес за учество на оваа средба. Истата мејл-адреса ќе биде достапна за контакт во секое време и за други прашања поврзани со повикот.