П.А е на возраст од седум години и е ученик во прво одделение. Според наодот и мислењето за оцена на видот и степенот на попреченоста и посебните потреби тој е ученик со Аутистичен спектар.
Според податоците од МКФ проценката на П.А му е доделен образовен асистент, и истиот реализира образовна асистенција од почетокот на учебната година.
Поради развојните попречености вклучувањето на П.А во образовниот процес беше одложено една година. На почетокот, за време на часовите беше во постојано движење, стануваше од столчето, се движеше низ просторијата, поради неговата хиперсензитивност на визуелени и аудитивни стимулации, постојано ја разгледуваше околината и земаше предмети кои го интересираат.
П.А. во делот на рецептивниот говор има проблеми во разбирањето на прашањето. На прашања кои му се поставуваат по неколку пати, дава кратки одговори и потребна му е постојана стимулација и насочување. Вниманието е засегнато и според опсег и според времетраење. Присутни се повторувачки активности како во движењата така и во говорот. Најчесто се изразува со кратка реченица од два до три збора со присутен аграматизам, неправилен изговор на одредени гласови и често зборува со промена на интонацијата на тонот.
Ученикот е вклучен трипати неделно во третмани од страна на училишниот специјален едукатор и рехабилитатор – логопед, со обезбедување на индивидуална поддршка во делот на развој на говорот и психомоторна реедукација.
Индивидуалната работа со овој ученик е поттикната и иновативна поради обезбедената технологија и софтвер од страна на Отворете ги прозорците и проектот Инклузија на деца со ПОП. Во неговата поддршка за учење е вклучена примена на софтверите на SHOWME AAC 2.0 (Покажи ми) и AboutNumbers (За броевите) со користење на мониторот на допир. Нашето училиште за прв пат имаше можност да добие асистивна технологија и софтвер, но и обука како наставниците да ја применат и следат технологијата во својата работа. Тие научија и како да направат процена на потребите на учениците и да креираат индвидуален план за работа со нив.
Нашиот ученк со воодушевување ја прифати работата со софтверите. Брзо го сфати начинот и принципот на работа и самостојно на шарената тастура си го напиша своето име и презиме при креирањето на кориснички профил. Благодарение на примената на софтверите кај него настана промена во однесувањето, значително подобрување на вниманието, концентрацијата и меморијата. Умее насочено да реализира активност во времетраење од 30 минути. Благодарение на програмата SHOWME AAC 2.0 (Покажи ми) тој го збогати својот вокабулар и активен речник со нови зборови од разни теми содржани во софтверот. Вооедно примената на игрите овозможува паралено да се работи и на корекција на изговорот и формирањето на правилен говорен израз. Посебен интерес покажува кон играта Пронајди и самостојно успева да ја посочи картата на која се наоѓа предметот кој го изговара компјутерот.Темите обично ги бира сам, умее да ги прочита напишаните поими на сликичките, постепено се мотивира да ги игра и игрите Запомни и Потсети се. При споделување на повратна информација на крајот на завршување на вежбите за бројот на точни и неточни одговори, П.А изразува посебна позитивна реакција и исказот „ Браво П…..
Софтверот За броевите (AboutNumbers)му помогна во усвојувањето на математичките вештини, разбирањето на поимот за број и релациите помеѓу броевите, поимите за множество како и за препознавање на множества и вежбање на собирање и одземање до 10.
Примената на овој софвер кај него помогна во подобрување на визуелната перцепција и задржување и насочување на вниманието, како и подобрување на визиомоторната координација. Вербално дадените инструкции, повратни информации и помош, придонесоа за подобрување на рецептивниот говор. Забавното учење, учењето преку игра му делува мотивирачки и ја зголемува неговата самодовреба.
Промената кај овој ученик неговата наставничка Емилија ја искажува на овој начин:
„П.А.,дете со ангелско лице и убава насмевка.Училишниот ден задолжително започнува со прегратка,а завршува со бакнеж. Секој ден е различен по многу нешта,но ист по едно, по љубовта и енергијата што ја шири П.. Неговиот ведар дух го забележуваат и чувствуваат и останатите дечиња, кои на најдобар начин се трудат да му возвратат.Кога тој сака да каже нешто го слушаат внимателно и трпеливо, а потоа следува аплауз,нешто на што тој најмногу се радува. Ретко се случува,но кога веднаш не го добие посакуваниот аплауз,тој знае да каже: – „Ајде деца, аплауз П. “.
Сигурен во она што го знае (на пример да ги прочита и напише броевите до 20), секогаш прв ја зема кредата и пишува на таблата. А многу често е во улога на наставник, моето огледало, седнува на моето столче, со пенкалцето во рака им се обраќа на учениците: – „Сега Борјан каже 2+2=…“. Борјан одговара, а П.запишува на табла. Безброј убави случки на часовите ја зголемуваат неговата среќа која се гледа на неговото лице,во неговите очи. А големиот одмор е посебна приказна.Учествува во распоредот на децата за миење на раце и заедно со образовниот асистент „тета Весна“ ја дели храната, а потоа „заслужено“,тивко и скришно си разменува по некое бонбонче со другарчињата.Нашата училница е доказ дека „Различностите не поврзуваат“.
На оваа изјава се надоврзува и родителот на П.И. кој вели: Да се биде родител е тешко, да се биде родител на дете со предизвици е херојство. Тоа е многу повеќе, имам научено од годините наназад имајќи го Петар во мојот живот, научив дека не постои зборот не можам, научив да се смеам и да се обраќам со насмевка иако не ми е до смеење и кога душата ти гори, сакајќи да му образложиш зошто е тоа така, а не можеш да бидеш разбран. Патот е макотрпен, но во нивното секојдневие е поразлично. Петар е дете кое со самиот старт на учебната година ме врати на почетокот на нашата борба, кога се среќававме со нови предизвици и херојски ги надминувавме. Петар е дете кое тешко прифаќа нови правила, нови услови, но овојпат беа полесно прифатени, отколку што мислев дека ќе биде. На почетокот не седнуваше на столчето, излегуваше, трчаше по ходниците, тешко прифаќаше наредби и едно исто прашање секој ден: „Како помина на училиште Петар ? “ – одговорот беше : „Убаво помина“. За многу краток период се видоа промени кај Петар, сакаше многу повеќе да оди на училиште, сакаше секој ден да има физичко и да прави вежби со логопедот на компјутерот. Почна да отвара тетратки сам, и да бара помош за домашното. Училиштето му стана интересно и вежбите и инструкциите што ги добивавме од логопедот, учителката и образовниот асистент се нашето секојдневие, а јас како родител сум среќна што соработувам со нив. Така да малку е да им кажам благодарам на нашите нови херои : тета Елена, тета Весна и учителката Емилија, во нашата животна приказна.
Благодарение на Вас, Отворете ги прозорците и Детска Фондација Песталоци, настана промена кај П.А, кај нас, кај сите ученици со посебни образовни потреби, како кај оние со попреченост, така и кај оние со специфични потешкотии во учењето, кај учениците кои потекнуваат од неповолни социо-економски, културни, и јазични депривирани средини, со кои се континуирано се работи со примена на софтверот.
Нашето благодарам нека биде ехо кое ќе допре до сите, да подадат рака и да ја направат промената кај себе за прифаќање и поддршка на инклузивното образование.
Специјален едукатор и логопед: Елена Ташева; одд.наставник: Емилија Петрова, ООУ„Гоце Делчев“ Штип