Вести за пролетта од пеперутките од градинка „Бубамара“

Тимот на „Отворете ги прозорците“ ја посети градинката „Бубамара“ од Аеродром каде што се сретнавме со воспитувачката Даниела Јовановска и поразговаравме за начинот на работа со децата со посебни образовни потреби вклучени во градинката.

Даниела Јовановска, воспитувачка со 10 годишно работно искуство ја почнува својата приказна раскажувајќи ни најпрвин за нејзината мотивација, она што постојано ја води низ работата. „Јас отсекогаш сакав да работам со деца, децата се нашата иднина. Среќно дете може многу да даде. А сѐ што доаѓа, доаѓа од градинката и од семејството.“

Даниела во нејзината занимална има и дете со аутистичен спектар на нарушувања.

„Тој дојде во градинката на 5,5 години, претходно одел во приватна градинка. Кога имал 3 години бил дијагностициран со аутистичен спектар, и така врз основа на тоа и семејството а и ние знаевме што понатаму, односно како да работиме со него“. – вели Даниела.

Даниела ни раскажа нешто повеќе за начинот на работа со децата од групата „Пеперутки“.

„Сега има 7 години, ги знае буквите, бројките, чита, моториката му е одлична, а во градинка повеќе се осврнавме на социјализацијата, тука имаше одредени потешкотии. Работевме според претходно поставени SMART цели. Овие цели влегуваат во метод кој се користи помеѓу нас воспитувачките со цел да го водиме и да го олесниме процесот на учење кај децата. Поставуваме неколку цели на кои сметаме дека треба да работиме преку активности, а се задржувавме на една цел, социо-емоционалната на пример. Детето имаше потешкотии со седење на место, или со следење налози. Јас правев сликички на кои имаше налози, пример црвено раче за да не излегува од занимална, сликичка со знак за мирно место кога сака да се повлече и одмори. За време на КОВИД-19 за да се спречи ширењето на заразата и за да се заштитиме, секое дете си имаше свое обележано столче.Затоа што нашата група е Пеперутки, децата на столчињата имаат пеперутки. Па така, ова многу му помогна на детето да може лесно да си го најде своето место и да се ориентира во занималната подобро.“ 

„По некое време детето почна да следи и вербални налози кога ќе му кажев да направи нешто. Има слаб говор, но многу сака мемориски и манипулативни игри односно игри во кои се користат рацете, прстите, каде што има редење, фаќање предмети. Се обидовме да најдеме другарче што ќе го прифати и ќе може да му помага, но долго време лутавме. На крај некако случајно најдовме другарче со кое си „кликнаа“ и сега му помага. Детето исто така го вклучуваме во групните друштвени игри со тоа што се вклучува минута до минута и пол, додека играта трае да речеме 10 минути“. – раскажувајќи ги сподели „малите“ но знајачни победи со нас, воспитувачката Даниела.

„Тој има  многу добра визуелна перцепција. Важно е да кажам дека надвор од градинката оди и на часови кај специјален едукатор и рехабилитатор. Сега цело време е во групата, нема потреба да излезе, не покажува нервоза. Моментално се подготвуваме за завршна приредба и секако планираме да најдеме соодветна улога во која целосно ќе се вклопи.“

„Сите деца се различни, а сепак исти.“ – со овие зборови воспитувачката Даниела од градинката „Бубамара“ упатува апел до сите свои колеги, родители, чинители на општеството да ја третираат различноста како уникатност, потреба, особеност на секое дете и секоја индивидуа која доколку се развива може да се придонесе кон исполнување на сонот на секое дете – а тоа е да биде среќно и исполнето. Децата имаат свои уникатни страни, но она што ги прави исти е дека сите сакаат да бидат сакани, среќни и исполнети. Секое дете може да учи доколку му се обезбеди соодветна поддршка и материјали! Нам ни останува да се погрижиме да обезбедиме еднакви можности за сите деца.

Оваа приказна е поттикната од иницијативата „Инклузија на деца со попреченост во предучилишното образование“ која ја спроведува УНИЦЕФ во соработка со Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ со финансиска поддршка од Австриската агенција за развој.