Преку книгата „Сетила“ ги будиме сетилата на нашата локална заедница за потребите на учениците со ПОП

Посветувајќи големо внимание за рамноправно учество на лицата со попреченост во сите облици на општеството нашата неколкугодишна соработка со Здружението за асистивна технологија Отворете ги прозорците, вроди со голем плод.

Преку проектот „Инклузија на децата со ПОП“ учествувавме во различни активности. Особено новина за нас беше учеството и организирањето на фандрејзинг активности со кои сакаме да ја поттикнеме околината да стане посензитивна за потребите на нашите деца и ученици со ПОП. Решивме тоа да го направиме преку книга. Така настана „Сетила“, односно за прв пат училишна установа во Тетово објавува публикација, мал труд  за деца, вклучувајќи и деца со посебни образовни потреби во изработката. Книга која има свој код на објавување во Националната библиотека „Св. Климент Охридски“, СКОПЈЕ.

Како тргна оваа идеја? Се раководевме од идејата: „Одржувањето на функционирање и независност на поединецот да живее здрав, активен,продуктивен ,независен живот и да учествува во образованието како сите други граѓани е највредното нешто за зголемување на самоувереноста на детето“.

Децата со попреченост кои одат на училиште честопати се премногу зависни од околината (родители,браќа,сестри, пријатели и наставници) во извршување на нивните задачи. Ние како наставници кои ја носиме одговорноста нашите ученици да ги воспитуваме и образуваме должни сме пред се да ги запознаеме со околината што ги опкружува.

Така тргна идеата за изработка на учебно помагало на тема ,,Сетила”, инспирирани од значењето на сетилата и нивната голема функција која ја имаат за полесно живеење и снаоѓање во околината. Ако тргнеме од тоа дека музичарот не би знаел дека сака да биде музичар се додека не го слушне звукот на музиката ,а уметникот не би знаел дека сака да биде уметник се додека не ја видел убавината на природата, сетилата се првиот чекор на себезапознавање и запознавањето со нашето опкружување. Правилното разбирање и познавање на сетилата помагаат на перцепцијата за промените во околината собирање и давање на информации.

Ова двојазично учебно помагало има 60 страни и излезе од рацете на четвртоодделенци кои вредно,креативно ,умешно со своите знаења на практичен начин го докажаа значењето на сетилата и изработија прилози за своите другарчиња.

Ова учебно помагало помогна да се соберат донации од локалните бизнис сектори за обезбедување опрема за сензорната соба за работа со ученици со посебни потреби, кабинет кој благодарение на придонесот на донаторите и сопствениот буџет на училиштето почна да се реализира.

Со ова покажаве дека сите заеднички можеме да направиме нешто повеќе за нашите ученици. Можеби не можеме да направиме големи дела, но можеме да направиме мали дела со многу љубов.