Запознајте ги новите луѓе во „Отворете ги прозорците„

Share on facebook
Share on google
Share on twitter
Share on linkedin

Среќни сме што расте нашиот стручен и административен тим, а со тоа расте и поддршката за нашите корисници! Во име на сите членови на Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“, на Ана, Кренар и Владо им посакуваме топло добредојде!

Запознајте ги нашите нови колеги преку нивните кратки биографии подолу.

Aна Дончевска Пенчев – едукаторка и соработничка на проект

Како стручно лице, доаѓам од сегментот на рана интервенција во рамки на државното здравство. Во последно време чувствував желба и потреба моето повеќегодишно искуство да го применам во проектни активности и развој на нови практични форми на работа со деца од рана и предучилишна возраст. Се надевам дека моето вработување во здружението ќе придонесе за изнаоѓање нови техники и начини во работата за помош и поддршка на семејствата на децата со посебни потреби.

Во моето слободно време сакам да читам или да се дружам со моите пријатели. Навистина сакам разговор со луѓе и секогаш сум достапна за разговор. Благодарение на таа моја особина и во професионалниот живот стекнав толку  многу пријатели од луѓето на кои им помагав. Мислам дека комуникативноста и искреноста која ја поседувам се многу се значајни за мојата работа и тие ми го покажуваат патот до успехот.

Кренар Ќоку – соработник за обезбедување фондови од локални донатори и односи со јавност

Јас во „Отворете ги прозорците“ доаѓам од невладиниот сектор, каде што работев во повеќе локални и меѓународни организации. Главна цел на повеќето од моите професионални активности од секогаш била социјалната инклузија и младинската едукација. Во 2016, од страна на Американскиот државен департмент бев одбран како лидер од Македонија да учествувам на 5-месечна програма во САД заедно со 100 други лидери од целиот свет. За време на мојот претстој во Сан Франциско – Калифорнија, работев на проекти за развој на интелектуални и телесни капацитети на децата и младите со попреченост.

Јас сум страстен борец за човекови права, а исто така сум и граѓански активист за борбата против климатските промени. Во слободно време уживам да планинарам, да возам велосипед и да готвам. Вработувањето во „Отворете ги прозорците“ е мојот нов предизвик на кој се надевам дека успешно ќе одговорам така што мојата работа овде ќе вроди со плод.

Владимир Јаќимовски – координатор за финансии и администрација

Kако дипломиран економист, своето стекнато знаење, досегашно искуство во бизнис секторот, како и работа на научно истражувачки проекти го применувам во одделот за администрација и финансии во Здружението. Подготвен сум за соработка, за нови сознанија, континуирано учење и усовршување, изнаоѓање решенија за проблемите, се’ со цел одржливост и непречено функционирање на организацијата. Тука од самиот почеток наидов на добра организациска култура, тимски дух, колегијалност, вредности кои прилагодувањето во нова средина го прават попријатно.

Љубител сум на природата, планината, уживам во спортување и рекреација, дружба со пријателите, убеден пацифист.

Scroll Up