Успеси на онлајн учењето на деца со попреченост

Образованието на сите деца, вклучувајќи ги овде и децата со посебни образовни потреби, поради предизвиците од пандемиската глобална криза беше принудено да се трансформира од редовна настава во онлајн учење. Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ на овој предизвик одговори со формирање на бесплатната онлајн платформа за поддршка при учењето на деца со попреченост „Онлајн Сервисна Служба„, којашто финансиски е поддржана од страна на УНИЦЕФ.

Преку платформата се испорачуват четири вида услуги за деца со попреченост и тоа, индивидуализирана поддршка за користење компјутер и интернет; рана стимулација на развојот; логопедски услуги и советодавно-консултативна поддршка за родители/старатели. Услугите се базираат на пристапот во чиј фокус е самиот корисник (person-centered approach) и се во насока на подобрување на личниот развој на децата. Од започнувањето со работење на платформата во април 2020 па се до завршување на проектот, на неа се регистрираа 236 ученици со попреченост кои добиваат редовна поддршка. Од нив, 107 добиваат логопедска подршка а 129 дефектолошка поддршка во учењето. Вкупниот број на часови кои се дадени надминува 7019 часови а бројот ќе се финализира заклучно крајот на месец Јули 2021.  Подршката на платформата се нуди на три јазици и тоа македонски, албански и турски јазик, а корисниците се жители од сите градови и рурални места на територијата на нашата држава.

Кренар Ќоку, лице одговорно за односи со јавност и фандрејзинг, а воедно и оператор на Онлајн сервисната служба изјави: „Онлајн сервисната служба ја започнавме со доза на страв поради фактот што онлајн учењето пред пандемиската криза сѐ уште беше непознат процес во едукативната пракса на нашата држава. Во рок од еден месец, на платформата се пријавија над 100 корисници, што беше наш прв индикатор на успешност кој го добивме од проектот. Како што растеше бројот на ученици, така порасна и бројот на специјални едукатори во нашето здружение со цел да се задоволат потребите на секое семејство кое побара поддршка од платформата. Особено значаен е фактот што преку оваа платформа им се овозможи учење во домашни услови на учениците со посебни образовни потреби кои поради здравствената состојба избегнуваат и одбиваат да излегуваат од дома или да имаат било каков физички контакт со други лица. Исто така, преку онлајн учењето се поврзавме и со ученици од најизолираните подрачја во Македонија во кои учениците не само што немаат можност за услуга од специјален едукатор, рехабилитатор или логопед во близина туку немаат ни задоволителна инфраструктура за транспорт во зимски услови. Ваквите достигнувања и интересот на семејствата да ги вклучат нивните деца во нашата платформа ни се јасен показател дека технолошкиот развој и онлајн учењето може да придонесат многу во процесот на градење инклузивно општество“.

Специјалните едукатори вклучени на платформата за успесите со корисниците изјавија:

Логопедската поддршка преку платформата Онлајн сервисна служба веќе година и половина претставува успешна приказна за нас логопедите , но и за многуте семејства опфатени со овој проект. Благодарение на креативните дигитални алатки, континуираната комуникација со родителите и работата со дечињата, се слушнаа првите зборови кај повеќе деца, како и ја подобривме способноста за комуникација кај оние што зборуваа, но имаа тешкотија со артикулацијата или граматичноста во изговорот. Оваа моќна дигитална алатка е причина за добивањето на секојдневните искрени и топли насмевки од децата и пофални зборови од родителите.

Dragana Simjanovska, клинички логопед

„На секое дете му треба малку помош, малку надеж и некој што им верува. Несомнено е дека периодот на пандемија КОВИД-19 ги ​​комплицира образованието и секојдневните активности на децата со попреченост и нивните родители, но нашата посветеност и подготвеност за далечинско вежбање ја срушија секоја бариера, што резултира со многу голем успех.

Нермин Шаќири, клинички логопед

„Учеството во проектот на УНИЦЕФ ми донесе мошне динамично секојдневие, но ми претставува големо задоволство да соработувам со тим кој е целосно посветен кон остварување на заедничката цел. Се обидуваме да допреме до што повеќе родители и деца кои имаат потреба од нашата помош. Иако пандемијата донесе неочекувани предизвици, на оваа платформа остварив многу нови познанства и со нашата работа секојдневно бележиме напредок и позитивни промени во развојот и едукацијата на децата.„

Данче Тодоровска, специјален едукатор.

Доколку сакате да научите повеќе зa Онлајн сервисната служба ве молиме да клинкнете на линкот во продолжение: https://servisnasluzba.mk/