Во насока на имплементација на активностите на проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“, Здружението за асистивна технологија Отворете ги прозорците со поддршка од Детската Фондација Песталоци, отвора повик за основни општински училишта за покажување интерес за учество во проектот:
ПОВИК ЗА ПОКАЖУВАЊЕ ИНТЕРЕС ЗА УЧЕСТВО ВО ПРОЕКТ – наменет за основни општински училишта –
Предмет на повикот е прибирање апликации од основни општински училишта за учество во проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“ што го спроведува Здружението за асистивна технологија Отворете ги прозорците, со поддршка од Детската фондација „Песталоци“.
Целта е заеднички да овозможиме еднаков пристап до квалитетно образование за децата со посебни образовни потреби преку развивање на ефективни и инклузивни локални модели за поддршка.
- Проектот го вклучува Концептот за инклузија[1] што се однесува на ученици кои:
- ученици со попреченост – кои имаат долготрајни физички, ментални, интелектуални или сетилни оштетувања и кои во интеракција со различните општествени бариери може да го попречат нивното целосно и ефективно учество во општеството, на еднаква основа со другите,
- ученици со нарушување во однесувањето или емоционални проблеми или со специфични тешкотии во учењето,
- ученици кои потекнуваат од неповолни социо-економски, културни, и/или јазични депривирани средини,
- ученици со комплексни потреби – кои имаат повеќестепени тешкотии, повеќестепени нарушувања, комплексни здравствени потреби и потреба од голема и интензивна помош и поддршка,
- деца/ученици со странско државјанство, деца без државјанство, деца бегалци, баратели на азил, деца со статус на признаен бегалец, деца под супсидијарна заштита, деца под привремена заштита кои престојуваат во нашата држава,
- деца/ученици кои не биле вклучени во настава, а се со надмината возраст и
- деца/ученици и од други ранливи категории кои од различни причини бараат посебна поддршка и грижа во текот на воспитно-образовниот процес.
Во проектот е предвидено да бидат вклучени 24 основни училишта од 12 општини. За таа цел потребно е и општината и училиштата во рамки на таа општина, да пријават интерес за учество во проектот. Преку учеството во проектот, се очекува училиштата да ги зајакнат своите капацитети во насока на обезбедување еднакви можности за образование на сите деца, вклучително и за децата кои се надвор од образование и се со надмината возраст.
- ПРИДОБИВКИ ОД УЧЕСТВО ВО ПРОЕКТОТ:
- Обезбедување грантови за избраните училишта за подобрување на пристапноста на училиштата, набавка на асистивна технологија и нагледни средства за работа, посета на специфична обука, организирање настани за привлекување на бизнис заедницата и сл.(секоја година по еден грант за секое училиште );
- Обезбедување стипендии за деца со надмината возраст и со посебни образовни потреби од неповолни социјално економски семејства;
- Обуки за менаџментот и наставниот и стручен кадар на теми инклузија, интеркултурализам, детски права и родова еднаквост;
- Обезбедување грантови за имплементација на стекнатите знаења од областа на интеркултураизам, детски права и родова еднаквост;
- Работилници за родителите на децата со и без посебни образовни потреби за инклузија, интеркултураизам и детски права;
- Организирање инклузивни активности за зајакнување на соработката помеѓу основните и училиштата со ресурсен центар/центри за поддршка;
- Одржување редовни менторски и мониторинг средби за надминување на предизвиците поврзани со концептот на инклузија;
- Организирање јавни настани, дебати, конференција за споделување на искуства, предизвици и постигнувања во областа на инклузивноста.
2. ОЧЕКУВАЊА ОД УЧЕСТВОТО НА ВКЛУЧЕНИТЕ УЧИЛИШТА:
- Пред да бидат избрани училиштата потребно е:
- Да покажат интерес за учество во проектот преку пополнување на апликацијата за изразување интерес за учество во проектот.;
- По изборот, училиштата потребно е:
- Да направат процена на потребите на учениците со ПОП и врз основа на тоа да предложат мерки и активности за подобро учење и развој (за оваа активност проектот ќе обезбеди грантови за секое училиште);
- Да учествуваат во процесот на идентификација на ученици кои се потенцијални корисници на стипенди и да обезбедуваат информации за редовноста, предизвиците и постигнувањата на тие ученици;
- Навремено да номинираат учесници за обуки и да ја следат, евидентираат и да известуваат за имплементацијата на стекнатите знаења;
- Да го следат и да известуваат за напредокот и постигнатите компетенции на сите ученици во делот на интеркулурализам, детски права и родова еднаквост (согласно подготвени и споделени алатки од страна на проектот);
- Да ја зајакнат соработката со локалната самоуправа, со училиштата со ресурсен центар/центрите за поддршка и локалната бизнис заедница во насока на обезбедување подобра средина за учење и развој на сите ученици;
- Да креираат позитивни приказни и информациите поврзани со проектот да ги споделуваат на своите веб страници/социјални мрежи.
3. КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР НА УЧИЛИШТА
- Процесот на апликација е отворен и достапен за сите училишта кои имаат интерес. При изборот на училишта проектот ќе се раководи од следниве критериуми:
- Број на ученици со ПОП – 40 поени;
- Иницијативи за подобрување на инклузивноста – 20 поени;
- Соработка на локално ниво – 20 поени;
- Мотивација за учество во проект – носи 20 поени
4. РОКОТ ЗА АПЛИЦИРАЊЕ на проектот е до 17.02.2023 годинa
5. НАЧИН НА ПРИЈАВУВАЊЕ: Аплицирањето се врши преку пополнување на апликацијата за искажување интерес за учество во проектот.
По разгледување на апликациите, проектниот тим во рок од 5 работни дена по завршување на рокот за аплицирање, ќе ги извести општините и училиштата за исходот од аплицирањето.
[1] Дефиниран и превземен од Концепцијата за инклузивно образование и Законот за основно образование