Јавен повик за локални самоуправи

Во насока на имплементација на активностите на проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“, Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ со поддршка од Детската фондација „Песталоци“, отвора јавен повик за локални самоуправи за покажување интерес за учество во проектот:

ПОВИК ЗА ПОКАЖУВАЊЕ ИНТЕРЕС ЗА УЧЕСТВО ВО ПРОЕКТ наменет за локални самоуправи кои имаат интерес да работат во поле на инклузивност –

Предмет на повикот е прибирање апликации за покажан интерес на локалните самоуправи за учество во проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“, што го спроведува Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“, со поддршка од Детската фондација „Песталоци“.

Целта е заеднички да овозможиме еднаков пристап до квалитетно образование за децата со посебни образовни потреби преку развивање на ефективни и инклузивни локални модели за поддршка.  

Проектот го вклучува Концептот за инклузија[1] што се однесува на ученици кои:

  • ученици со попреченост – кои имаат долготрајни физички, ментални, интелектуални или сетилни оштетувања и кои во интеракција со различните општествени бариери може да го попречат нивното целосно и ефективно учество во општеството, на еднаква основа со другите,
  • ученици со нарушување во однесувањето или емоционални проблеми или со специфични тешкотии во учењето,
  • ученици кои потекнуваат од неповолни социо-економски, културни, и/или јазични депривирани средини,
  • ученици со комплексни потреби – кои имаат повеќестепени тешкотии, повеќестепени нарушувања, комплексни здравствени потреби и потреба од голема и интензивна помош и поддршка,
  • деца/ученици со странско државјанство, деца без државјанство, деца бегалци, баратели на азил, деца со статус на признаен бегалец, деца под супсидијарна заштита, деца под привремена заштита кои престојуваат во нашата држава,
  • деца/ученици кои не биле вклучени во настава, а се со надмината возраст и
  • деца/ученици и од други ранливи категории кои од различни причини бараат посебна поддршка и грижа во текот на воспитно-образовниот процес.

Во проектот е предвидено да бидат вклучени 12 општини и 24 основни училишта од овие општини. Целта на учеството на општините во проектот е да ја поддржат инклузијата во основното образование на локално ниво.

  1. ПРИДОБИВКИ ОД УЧЕСТВО ВО ПРОЕКТОТ:
    • Обезбедување грантови за општини, како поддршка во процесот на подготовка и имплементација на мерки за инклузија на локално ниво (во 2023 година ќе бидат обезбедени грантови за 6 општини и во 2024 година за останатите 6);
    • Обуки за вработените во општините за примена на концептот на инклузија, протокол за споделување информации и прилагодена програма како алатки за вклучување на децата со надмината возраст во образование;
    • Работилници за вклучување на концептот на инклузија во стратешките и акциони планови и процедури на општините;
    • Стипендии за деца со посебни образовни потреби и со надмината возраст од неповолни социјално економски семејства;
    • Грантови и  обуки за избраните училишта, од областа на инклузија (обуки за менаџмент, наставен кадар и за родители);
    • Обуки и нагледни средства за училиштата со ресурсен центар/центри за поддршка кои постојат во општината за унапредување на постоечките и креирање нови услуги за децата со ПОП на локално ниво;
    • Редовни менторски средби и обезбедување поддршка во надминување на предизвиците поврзани со концептот на инклузија; и
    • Јавни настани, дебати, конференција за споделување на искуства, предизвици и постигнувања во областа на инклузивноста.

2. ОЧЕКУВАЊА ОД УЧЕСТВОТО НА ВКЛУЧЕНИТЕ ОПШТИНИ

  • Пред да бидат избрани општините потребно е:
    • Да покажат интерес за учество во проектот преку пополнување на апликацијата за изразување интерес во проектот;
    • Да го споделат линкот од повикот до сите општински основни училишта под нивна надлежност и да ги поттикнат да се пријават да добијат поддршка од проектот.
  • По изборот општините потребно е:
    • Да работат на вклучување на концептот на инклузија во своите планови, мерки и процедури со цел да осигураат еднакви образовни можности за сите деца;
    • Да го олеснат процесот на идентификација и процена на потребите на децата кои се надвор од образование;
    • Да учествуваат во организирање јавни настани, во координација и со поддршка од проектот, за подигнување на свесноста за инклузијата на локално ниво;

3. РОКОТ ЗА АПЛИЦИРАЊЕ и за општините и за училиштата што се под нивна надлежност е до 17.02.2023 годинa

4. НАЧИН НА АПЛИЦИРАЊЕ: Аплицирањето се врши преку пополнување на апликацијата за изразување интерес за учество во проектот. Паралелно со пополнувањето на апликацијата, општините се задолжени да го споделат повикот за учество во овој проект до сите училишта под нивна надлежност

По разгледување на апликациите, проектниот тим во рок од 5 работни дена по завршување на рокот за аплицирање, ќе ги извести општините за исходот од аплицирањето.


[1] Дефиниран и превземен од Концепцијата за инклузивно образование и Законот за основно образование