Бидете кум на нашето здружение: ТАВ Македонија ДООЕЛ поддржувач на работата на „Отворете ги прозорците“

Корисниците со попреченост кои го посетуваат Центарот за асистивна технологија во рамки на здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ добиваат услуги односно едукативни часови од специјален едукатор и рехабилитатор или логопед целосно бесплатно, а Центарот се финансира преку фандрејзинг програмата насловена како: Бидете кум на нашето здружение.

Оваа година наш поддржувач и донатор стана компанијата ТАВ Македонија ДООЕЛ која е член на групацијата АДП.
Голема благодарност до компанијата за препознавањето на нашата работа и за препознавањето на потребата за поддршка на децата и лицата со попреченост!

Отворете ги прозорците (ОП) е единствената организација во земјата целосно посветена на промовирање на асистивната технологија и дигиталната инклузија.

Во рамки на здружението работи и Центарот за асистивна технологија кој функционира како сервисна служба и ги нуди следните услуги: индивидуална поддршка за користење компјутер и интернет, индивидуална проценка на потребите од асистивна технологија и советодавна-консултативна поддршка за примена на асистивна технологија.

Во Центарот за асистивна технологија, децата (од предучилишна и училишна возраст), младинците и возрасните лица со попреченост имаат пристап до информации и интернет и учат да користат компјутер како алатка за постигнување на нивните цели во поглед на образование или вработување. Центарот го посетуваат лица со различен вид на попреченост (телесна попреченост, оштетување на вид, оштетување на слух, интелектуална попреченост, аутизам, комбинирани потешкотии и потешкотии во учењето).

Доколку сакате да се вклучите и да ја поддржите нашата работа, искомуницирајте ја Софија Стојановска, соработничка за обезбедување фондови, на sstojanovska@openthewindows.org или на 078253855.