Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ објавува повик за истражувач експерт за изработка на методологија и спроведување на истражување за имплементацијата на Законот за основно образование, во делот на модифицирана програма за ученици со комплексна попреченост.
Повикот е во рамки на проектот Инклузија на деца со посебни образовни потреби, спроведуван од Здружението за асистивна технологија Отворете ги прозорците со поддршка од Детската Фондација Песталоци. Проектот има за цел да изгради поволна клима, којашто ќе овозможи квалитетно образование за децата со посебни образовни потреби.
Повикот е отворен до 10 октомври 2023 година.
Контекст и општ опис
Во јули 2019 година беше изгласан новиот закон за основно образование, којшто, во споредба со претходниот, вклучува поголем број одредби со кои треба да се уреди целосното инклузивно образование од првиот задолжителен воспитно-образовен степен во државата. Меѓутоа, нецела година откако овој закон беше донесен, беше прогласена пандемија предизвикана од вирусот ковид-19 и образовниот систем беше принуден да наоѓа алтернативни форми на оддржување на наставата, со што се изгуби штотуку отпочнатиот тек на образовни реформи во поглед на уредување на инклузивното образование за учениците со посебни образовни потреби. Оваа состојба во поголема или помала мера траеше до почетокот на изминатата учебна 2022-2023 година, од кога без некои поголеми мерки и протоколи наставата се врати во училиштата и образовниот систем продолжи да се реформира. Во таа реформација дебатите паѓаа врз најкомплексните прашања, коишто не беа одговорени со поопштите политики што се усвојуваа додека траеше пандемијата, како што се Стратегијата за образование 2017 — 2025, којашто е придружена со акциски план за спроведување на повеќе инклузивни практики; Концепцијата за инклузивно образование од 2020 итн. Едно од овие сѐ уште целосно незатворени прашања е токму прашањето за начинот на спроведување на модифицираната програма за учениците со комплексни потреби. Ова истражување, земајќи го предвид целиот овој четиригодишен период, развиените политики, но и практичните искуства од терен, треба да ги даде одговорите на тие прашања што беа и сѐ уште се отворени до некој степен токму по прашањето на имплементацијата на модифицираните програми во училиштата.
Главна цел на истражувањето
Детална анализа на развојот, поставеноста и спроводливоста во пракса на модифицираната програма за учениците со комплексни потреби (од периодот на донесување на Законот за основно образование 2019 до јуни 2023). Со други зборови, истражувањето ќе се фокусира на начинот на имплементација на модифицираната програма за учениците со комплексни потреби во основното образование во Република Северна Македонија. Ќе го анализира неговиот развој, ќе го оцени моменталниот статус на процесот на имплементација на овие програми и ќе ги идентификува потенцијалните предизвици и бариери за успешно спроведување на модифицираните програми. Истражувањето исто така ќе препорача и начини за надминување на евентуалните предизвици и бариери.
Специфични цели
- Да се процени степенот до кој основните училишта во земјата и основните училишта со ресурсен центар/центрите за поддршка на учењето ја имаат разбрано, ја имплементираат и следат модифицираната програма за учениците со комплексни потреби.
- Да се идентификуваат сите предизвици или бариери со кои се соочуваат основните училишта и основните училишта со ресурсен центар/центрите за поддршка во учењето при спроведувањето на модифицираната програма.
- Да се утврди ефективноста, потенцијалното позитивно/негативно влијание, на модифицираната програма во подобрувањето на функционалноста, личниот развој, здравјето и образовните резултати на учениците со комплексни потреби.
- Да се дадат препораки за подобрување на имплементацијата на модифицираната програма, коишто ќе бидат во насока на подобрување на функционалноста, личниот развој, здравјето и образовните резултати на учениците со комплексни потреби.
Очекувана методологија
Истражувањето ќе користи и квалитативни и квантитативни методи на истражување. Квалитативните податоци ќе се собираат преку интервјуа со клучните чинители како што се одговорните лица во Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Комисијата за процена по Меѓународната класификација за функционалност, попреченост и здравје, вработени во основните училишта со ресурсен центар/центрите за поддршка во учењето и други вклучени институции; како и преку спроведување фокус-групи со родители на учениците со и без комплексни потреби, наставниците,специјалните едукатори и рехабилитатори и останатите претставници од инклузивните училишни тимови, образовните асистенти, директори на основни училишта и останати лица што може да дадат релевантни податоци за ова истражување. Квантитативните податоци ќе се собираат преку анкети испратени до сите основни училишта во државата и анализа на политики и документи. Примерокот на испитаници во истражувањето треба да биде избалансиран по однос на региони, јазична разновидност, пол.
Очекувани резултати
- Извештај за имплементацијата на модифицираната програма за учениците со комплексни потреби во основните училишта во Северна Македонија.
- Препораки за подобрување на имплементацијата на модифицираната програма, коишто ќе бидат во насока на подобрување на влијанието што оваа програма го има врз унапредување на функционалноста, личниот развој, здравјето и образовните резултати на учениците со комплексни потреби.
- Дисеминација на наодите преку јавна презентација пред релевантните засегнати страни.
Временска рамка
Целокупното истражување започнува од денот на потпишување на договорот (средината на месец октомври, 2023 година) и треба да заврши во рок од 2 месеци од започнувањето на договорот помеѓу добавувачот и Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ (средина на декември 2023). Подетално во оваа временска рамка треба да се случи следното:
| Бр. | Активност | Рамка |
| 1 | Развој на методологија и истражувачки инструменти | 15 – 24 октомври |
| 2 | Примена на истражувачките инструменти во насока на собирање податоци | 25 октомви – 22 ноември |
| 3 | Анализа на податоците и пишување на извештајот и препораките | 23 ноември – 12 декември |
| 4 | Дисеминација на добиените наоди од истражувањето пред јавноста и засегнатите чинители: 4 часа | 20 декември |
Буџет
Буџетот што ќе го добие добавувачот за ова истражување ги опфаќа целокупните трошоци за превоз, собирање на податоци, анализирање, пишување на извештајот и презентација на наодите и препораките од извештајот пред јавноста. За ангажманот се предвидени 10 работни дена, или 80 работни часа. Вкупниот буџет што Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ ќе го исплати на добавувачот (30 % на денот на потпишување на договорот и 70 % по завршување на договорот и активностите наведени погоре) изнесува 61,500 МКД. Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ не покрива други трошоци што би се појавиле како дополнителни трошоци за време на истражувањето. Доколку тоа се случи добавувачот треба самостојно да ги покрие.
Искуство и квалификации
Повикот е отворен за експерти, организации и правни лица кои имаат искуство во подготовка на различни методологии за применети истражувања. Се очекува лицето да има претходно искуство во подготвување и спроведување различни истражувачки алатки и инструменти, и да има одлично познавање на контекстот и концептот на инклузивното образование.
Насоки за аплицирање
За да аплицирате, ве молиме испратете мејл на klazarev@openthewindows.org со наслов „Ангажман за истражување на законот за основно образование“, во којшто ќе го прикачите вашетоCV (професионална биографија) најдоцна до 14 октомври 2023 година.
Вредности и водечки принципи
Лицето ангажирано со овој повик, коешто ќе работи за потребите на овој проект мора да демонстрира личен и професионален интегритет за време на целиот процес. Тој/таа мора да го почитува правото на институциите и индивидуите, да обезбеди доверливост на добиените информации и да осигура дека сензитивните податоци во ниеден случај нема да го откријат идентитетот на оној што ги дал. Исто така, тоа мора да ја почитува етиката на истражувањето, принципот за ненанесување штета и ќе се грижи дека оние што се вклучени во процесот имаат можност да ги повлечат изјавите дадени од нивна страна. Тоа треба да биде сензитивно на верувањата, обичаите и навиките на општествената и културната средина во којашто тој/таа ќе работи. Посебно, тоа треба да биде чувствително и да обрне внимание на прашањата поврзани со заштитата, дискриминацијата и родовата еднаквост. Дополнително, од него не се очекува тој/таа да се вмешува во теми што не се наведени во овие услови за аплицирање.



