Languages

ОТВОРЕТЕ ГИ ПРОЗОРЦИТЕ е единствената организација во Македонија и во поширокиот регион целосно посветена на промовирање на асистивната технологија. Од основањето во 2005 година, Отворете ги прозорците израсна во препознатлива и признаена организација што ја користи технологијата како алатка за поттикнување на инклузијата на лицата со попреченост.

Водена од визијата „за свет на рамноправни и активни луѓе кои ја користат технологијата за личен развој, подобрување на квалитетот на животот и за добросостојба на заедницата“, организацијата се стреми целосно да ја исполни својата мисија, односно „со асистивната технологија да го поттикне и олесни активното вклучување на сите луѓе во современиот свет“.

Вредностите на Отворете ги прозорците произлегуваат од уверувањата дека:

* Користењето и развојот на информациско-комуникациските технологии го овозможуваат и олеснуваат активното учество на сите луѓе во општеството

* Информациите и знаењето се општи (јавни) добра 

Во фокусот на организацијата се луѓето и нивните индивидуални потреби и способности. Работењето на организацијата се темели на два основни пристапа: пристап насочен кон личноста (person-centered) и пристап заснован на права (rights-based approach).

Организацијата се раководи од следните принципи и вредности: партиципација, еднакви можности, толеранција, партнерство и транспарентност и одговорност.