Languages

Првата обука во „Коменски“

„Отворете ги прозорците“ја одржа првата обука за користење асистивна технологија во редовното основно образование од 24 до 26 август 2011 г. во ОУ „Јан Амос Коменски“.

На обуката учествуваа 20 наставници и претставници на стручната служба и еден родител. Истовремено, училиштето беше опремено со асистивни уреди и софтвер наменети за учениците со хендикеп од одделенска и од предметна настава. 

Педагогот Соња Димитровска се осврна на значењето на добиената обука: „Со воведувањето на асистивната технологија во нашето училиште ќе се подигне квалитетот на инклузивниот процес и ќе се зголеми индивидуалниот напредок и развој на учениците  со посебни образовни потреби. Оваа обука разбуди кај нас многу идеи за подобрување на работата со овие ученици во текот на воспитно-образовниот процес. Искуствата кои ги стекнавме на овие обуки значително ќе ни помогнат и ќе ја подобрат нашата работа со децата со посебни образовни потреби“.

Учесниците се стекнаа со општи знаења од областа на хендикепот, ги запознаа карактеристиките на асистивните уреди и софтвер и нивната примена во работата со учениците со посебни образовни потреби. Поголем дел од обуката беше посветен на практични презентации, дискусии и работа во групи. Обучувачи беа Радмила Стојковска Алексова и Магдалена Димкова и Андреј Петров.

img_2476.jpg 

До крајот на годината, „Отворете ги прозорците“  ќе испорача асистивни уреди, софтвер и обука во уште деветнаесет редовни основни училишта од земјава. Оваа активност е дел од проектот „Еднаков пристап за еднакви можности“, проект на УСАИД за е-пристапни основни училишта.

Галеријата од настанот можете да ја погледнете тука.