Languages

Промоција на извештај од национално истражување

На 04-ти март 2011 година, здружението „Отворете ги прозорците“ го промовира извештајот „Примена на асистивната информатичка технологија во основните училишта во Република Македонија: тековна состојба и потреби“.

Извештајот е резултат на национално истражување што ги опфати сите основни училишта во земјата, направено како дел од програмата на УСАИД „Еднаков пристап за еднакви можности“ и прво што го обработува ова прашање во Македонија.

Промотори на оваа публикација, што содржи препораки за идните чекори во насока на подобрување квалитетот на образованието на учениците со посебни образовни потреби преку примена на асистивната технологија, беа министерот за образование и наука, Никола Тодоров, и амбасадорот на САД, Филип Рикер.

Ministerot za obrazovanie i ambasadorot na Amerika na pres konferencijata za promocija na izvestajot

„Од суштинско значење е придобивките од овие технологии да бидат отворени и достапни за сите ученици, вклучително и за оние со посебни потреби“ – изјави американскиот амбасадор, Филип Рикер. „Јас би додал уште дека, овде не станува збор само за човекови права, туку дека ова претставува основна карактеристика на едно инклузивно, демократско и просперитетно општество.“

Министерот за образование Никола Тодоров истакна дека напорите да се остварат некои од приоритетните цели на образовните политики на Република Македонија ги создаваат потребните предуслови за вклучување на асистивната технологија во образовниот процес.

Директорот на „Отворете ги прозорците“ Владимир Лазовски, презентирајќи го извештајот, истакна дека компјутерите се користат во наставата во три од четири училишта во земјата. Тој посочи дека дел од учениците со посебни потреби се соочуваат со проблеми при користењето стандардна компјутерска опрема (на пример, ученици со слаб вид или со слаба моторика на рацете), кои можат да бидат надминати со примена на соодветни уреди и софтверски прилагодувања.

Ова национално истражување беше искористено за да се направи изборот на 20 редовни основни училишта, кои, во рамките на програмата на УСАИД „Еднаков пристап за еднакви можности“, ќе добијат опрема и обуки за примена на асистивната технологија во наставата.