Languages

Почетоците на Отворете ги прозорците

Кога помислувам на почетоците на Отворете ги прозорците ми изгледа како да беше вчера. Кога побараа од мене да напишам нешто за десетгодишницата за да се потсетиме на приказната за основањето, е тогаш сфатив дека поминале десет години. Времето изминува, но убаво е кога има човек со што да се пофали.

Тони на презентација

Се започна  кога работев во француската хуманитарна организација Хендикеп Интернационал. Таму научив многу за попреченоста и запознав прекрасни луѓе.  Работевме заедно со Лидија Крстевска Дојчиновска, дефектолог што се интересираше многу за информатиката.

На залезот на мисијата на Хендикеп Интернационал на Балканот,  имав прилика да го посетам седиштето на организацијата во Лион, Франција. Да бидам искрен, не ми остави некој впечаток, зграда како и секоја останата полна со луѓе пред компјутер. Вториот ден од посетата во Лион, ме однесоа во центарот за асистивна технологија ICOM, основан од организацијата во која што бев вработен. Тоа беше незаборавно и инспиративно искуство. Прекрасен мал центар каде лицата со попреченост од цел Лион доаѓаа да се обучат, или да им се препорача асистивен уред. Прекрасен тим од ентузијасти под водство на Стефани Лусиен-Брун. Благодарност до неа и до целиот тим што ми пренесоа енергија што се уште ја чувствувам.

Назад се вратив  со идеја дека таков центар мора да се направи и во Скопје. И раскажав на Лидија и заедно разговаравме со регионалниот директор на Хендикеп Интернационал, Александар Кот. Тој со цел ентузијазам ни посочи  дека ние сме вистинските луѓе за тоа и ни ја понуди сета своја поддршка.  И така приказната почна. Дефектолог и информатичар регистрираа здружение на граѓани.

Имавме поддршка од нашиот веќе бивш работодавач. Од Хендикеп Интернационал освен финансика поддршка како зајакнување го добивме и окупациониот терапевт Силван Ру, кој една година ни помагаше во градењето на организацијата. 

Организацијата почна да работи. Се скенираа потреби, искуствата се таложеа, првите резултати пристигнуваа. Растевме, тоа беше прекрасен период. Во тој убав период и добри луѓе ни доаѓаа, дојде Реџина Хајнс, која не научи на ред и ни даде основа за стабилен и планиран раст, но и контакти со донори и поддржувачи. Ни се придрижи и Дао Тран, волонтер од Мировниот Корпус која даде неприкосновен придонес во здружението, нејзината њујоркшка енергија и работна етика не забрза и нас.

И оттука работите одеа, не запираа, резултатите не понесоа, не биеше добар глас, следеа договори и меморандуми потпишани со министри и државни секретари. Обезбедувавме финансирање, а луѓето непрестано доаѓаа да добијат поддршка. Организацијате се роди и прооде. Стекнувавме доверба како професионалци, а нашата самодоверба растеше. Тогаш вистинските промени и раст започнаа, ја вработивме Радмила, дефектолог, првенец на генерација супер дополнување на тимот, потоа ни се придружи и Марга.  Веќе не бевме само двајца ентузијасти, станувавме тим, тим од професионалци подготвени да го продолжат патот. Уште тогаш знаев дека тимот ќе се зголемува и дека организацијата ќе расте.

Сакам да им се заблагодарам на сите  добри луѓе што не поддржаа и ни помогнаа.  Напорите се исплатеа, Скопје доби центар за асистивна технологија за пример и надвор од границите на Македонија, Скопје доби тим што може да се справи со сите предизвици. Јас добив незаборавно искуство на патот со кое можам да се фалам.

До следните достигнувања и годишнини, кога пак ќе го повторам ова, и ќе станам досаден. Ах кога ли поминаа цели 10 години!!

Тони Бачваровски

инжинер по комјутерски науки

основач на Отворете ги прозорците