Languages

Отворен час за „паметна“ табла

На покана на одделенскиот наставник Марина Василева од ОУ „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, на 7-ми февруари присуствувавме на отворен час, на кој десетина ученици презентираа како се користи „паметна“ табла.

Со ентузијазам и професионално, учениците презентираа дел од можностите што ги нудат „смарт“ технологиите.

 
Уште во првиот момент можевме да го поврземе користењето на овој уред со нашата работа.  „Паметната“ табла им помага на учениците со посебни образовни потреби полесно да ја следат и активно да се вклучат во наставата. На пример, ученик што нема развиена фина моторика на прстите на рацете и не може да црта геометриски фигури, може со еден допир да ја избере фигурата што му е потребна во моментот.  Овој уред нуди многу можности кои треба допонително да се истражат.
 
На отворениот час присуствувавме заедно со наставници од училиштето, а преку  видео-конференциска врска презентацијата ја следеа и наставници од ООУ „Димката Ангелов Габерот“ од Кавадарци.
 
По презентацијата, поразговаравме со Марина да дознаеме нешто повеќе од нејзиното искуство со таблата. Ви прикажуваме дел од дискусијата со наставникот кој секој ден од часовите прави магија за своите ученици.
 
Колку време е потребно да се научи да се ракува со „паметна“ табла?
Времето потребно да се развијат базичните вештини за користење на „паметна“ табла е мошне кратко. Таблата во нашето училиште е само две недели, а денес Вие присуствувавте на презентацијата подготвена од ученици кои како вистински  обучувачи ги запознаа своите наставници како се користат основните алатки. 
 
Се забележуваат ли промени кај Вашите ученици откако ја користите таблата?
Посакувам секој наставник во Македонија да ја почувствува разликата во вниманието, концентрацијата и желбата на секој ученик која се чувствува во нашата училница. Ако до пред нејзиното доаѓање, излегувањето на табла беше обврска, сега е задоволство кое сите сакаат да го доживеат и да ја допрат новата магија со која зачудувачки убаво се снаоѓаат и ученици кои дома немаат компјутер. Посакувам сите деца зелените табли и кредите да ги испратат во историјата на образованието.
 
Што би им препорачале на Вашите колеги кои досега не користеле ваков уред?
Користењето на „паметната“ табла во првите неколку недели е магија за учениците, но нејзината вистинска магија ја креира сепак наставникот. „Паметната“ табла има софтвер со огромен број мултимедијални ресурси кои се предизвик како за наставниците така и за учениците за истражување и подготовка на активности за учење и поучување. Во спротивно, нема да има голема разлика меѓу старите зелени табли и овие „паметни“ табли, само кредите ќе бидат заменети со пластични маркери во боја.
 
1.jpg2.jpg3.jpg